Руските сили заземаат терен во близина на стратешкиот град Покровск во источна Украина, додека продолжуваат дипломатските напори за да се стави крај на најголемата европска војна во последните децении.
Според онлајн платформата за мапирање на војната Deep State, на 12 декември руските војници биле на само три километри од јужниот дел на Покровск, клучен логистички центар за Украина.
„Мора да се донесат неконвенционални одлуки за да се зголеми отпорноста на нашата одбрана и да се обезбеди поефикасно уништување на окупаторите“, напиша енералот Олександр Сирски, врховен командант на украинската војска, на социјалната мрежа Фејсбук.
„Битките се исклучително жестоки. Русите ги испратија сите расположиви сили напред, обидувајќи се да ја пробијат нашата одбрана“, додаде тој.
Двете страни се обидуваат да ги зајакнат своите позиции на бојното поле додека се појавуваат сигнали за потенцијални мировни преговори во наредните месеци.
Министрите за надворешни работи на Франција, Германија и Полска на состанок во Берлин на 12 декември разговараат за ситуацијата во Украина, додека полскиот премиер Доналд Туск, чија земја беше силен поддржувач на соседна Украина, беше домаќин на францускиот претседател Емануел Макрон на разговори во Варшава.
Два дена претходно, Туск изјави дека мировните преговори би можеле да започнат „во текот на зимата“ додека Варшава се подготвува да го преземе ротирачкото претседателство со Европската унија на 1 јануари 2025 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара конкретните западни безбедносни гаранции да бидат дел од каков било мировен договор, тврдејќи дека Русија би можела повторно да изврши инвазија откако ќе ги обнови своите сили.