Српската Влада почна да објавува документација поврзана со падот на настрешницата во Нови Сад

Зграда на Владата на Србија, Белград

На веб-страницата на Владата на Србија на 12 декември започна објавувањето на документите за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад.

Владата претходно соопшти дека на седницата одржана на 12 декември донела одлука Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура во следните 24 часа „јавно да ги стави на располагање информациите во врска со можното извршување на кривично дело поради пропаѓање на настрешница на зградата на станицата во Нови Сад на 1 ноември 2024 година“.

Во падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад загинаа 15 лица, додека двајца тешко ранети, по повеќе од еден месец, сè уште се борат за живот. Станицата беше официјално отворена во јули по тригодишна реконструкција.

Во соопштението се додава дека на истата седница Владата донела одлука за зголемување на износот на средствата за материјалните трошоци на високообразовните установи утврдени со Законот за Буџетот на Србија за 2025 година за 20 отсто во однос на износот на средствата утврдени со Законот за Буџетот на Република Србија за 2024 година.

Видете и ова: Протест во Нови Сад, се бара одговорност за смртта на 15 лица на железничката станица

Одлуката на Владата доаѓа неполни 24 часа откако претседателот на Србија ги најави овие потези на 11 декември во обраќање пред медиумите во зградата на Претседателството во Белград.

Додека Вучиќ зборуваше за медиумите, голем број студенти протестираа пред зградата на Претседателството, блокирајќи ги факултетите, инсистирајќи на исполнување на нивните барања, меѓу кои и објавување на целата документација за реконструкција на Железничката станица во Нови Сад и повеќе средства за материјалните трошоци на високообразовните институции.

Блокадите на високообразовните институции траат од крајот на ноември по нападот врз студентите за време на протестот поради несреќата на железничката станица во Нови Сад. На блокадите се приклучија повеќе од 40 факултети и виши школи во Белград, Нови Сад, Крагуевац, Ниш и Суботица.

Властите ги осудуваат блокадите и протестите.