Москва ги предупреди Русите да не патуваат на Запад

Илустративна фотографија.

Русија на 11 декември соопшти дека односите со Соединетите Држави се толку спротивставени што руските граѓани не треба да патуваат во САД, Канада и некои земји од Европската унија, бидејќи ризикуваат да бидат прогонувани од американските власти.

Говорејќи на прес-конференција во Москва, портпаролката на Министерството за надворешни работи Марија Захарова рече дека односите со САД се на работ на прекин.

„Во контекст на растечката конфронтација, патувањата во Соединетите држави, приватни или за официјални цели, носи сериозни ризици“, рече Захарова, пренесува Ројтерс.

„За време на ови празници ве повикуваме да продолжите да се воздржувате од патување во Соединетите Држави и нивните сојузнички сателитски држави, вклучително пред се Канада и земјите од Европската унија, со некои исклучоци“, рече Захарова.

Видете и ова: Русинка уапсена во САД за наводни врски со руски разузнавачки служби

Руски и американски дипломати велат дека односите меѓу двете земји се полоши од кога било од Кубанската ракетна криза во 1962 година, поради несогласувањата околу војната во Украина.

Тие го достигнаа врвот на кризата минатиот месец, кога САД и Велика Британија ѝ дозволија на Украина да ги користи своите ракети за напад на руска територија.

Како резултат на тоа, Русија го намали прагот за употреба на нуклеарно оружје.

Русија и САД постојано меѓусебно се обвинуваат за апсење на нивните граѓани под лажни обвиненија.