Иранскиот врховен лидер Али Хаменеи, во своите први јавни коментари по соборувањето на сирискиот претседател Башар ал-Асад, ги обвини Соединетите Држави и Израел дека го организирале бунтот што го собори режимот во текот на викендот.
Хаменеи на 11 декември, исто така имплицитно ја обвини Турција за молскавичното пробивање на сириските бунтовници кои со мал отпор стигнаа до Дамаск од нивните упоришта на северозападот на земјата.
„Не треба да се сомневаме дека она што се случи во Сирија е производ на заеднички американски и ционистички заговор“, рече тој.
„Да, соседната влада на Сирија игра, играше и се уште игра јасна улога. Но, главниот заговорник, мозокот и командниот центар се во Америка и ционистичкиот режим“, додаде Хаменеи.
Организацијата Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) назначена за терористичка од САД и нејзините сојузници, од кои некои се поврзани со Турција, го соборија Асад на 8 декември, помалку од две недели по започнувањето на нивната офанзива.
Видете и ова: Техеран: Околу 4.000 Иранци се вратиле од Сирија по падот на АсадСирија под Асад служеше како клучен дел од копнениот коридор што го поврзува Иран со Левантот, кој се сметаше за логистички столб на таканаречената оска на отпорот - лабавата мрежа на регионални посредници и сојузници на Иран.
Иран потроши милијарди долари и испрати воени советници во Сирија за да се осигура дека Асад ќе остане на власт кога изби граѓанската војна во 2011 година.
Русија, каде што соборениот сириски лидер доби политички азил, исто така го поддржа Асад, додека Турција ги поддржува бунтовничките групи кои имаа за цел да го соборат режимот.
Советникот на Хаменеи еднаш ја опиша Сирија како „златен прстен“ во синџирот што го поврзува Иран со неговиот либански партнер Хезболах. Со скршен прстен и деградирани способности на Хезболах по разорната војна со Израел, експертите велат дека оската стана сериозно слаба.
Хаменеи рече дека само „неуки и неинформирани аналитичари“ ќе проценат дека оската станала слаба и вети дека нејзиниот досег „ќе се прошири низ регионот повеќе од порано“.