Српскиот претседател Александар Вучиќ ги обвини странските разузнавачки служби дека се обидуваат да го соборат поради ширењето на протестите во Србија и дека тој нема да побегне од земјата како соборениот сириски лидер Башар Асад.
Вучиќ вечерта на 9 декември објави видео порака на Инстаграм во која вели: „Ќе се борам за Србија и ќе му служам само на мојот српски народ и на сите други граѓани на Србија, никогаш нема да им служам на странците, на оние кои сакаат да ја поразат, понижат и уништат Србија“.
Противниците на популистичкиот лидер го споредија со Асад кој побегна во Москва по напредокот на бунтовниците, ставајќи крај на половина век железното владеење на неговото семејство.
Во видеото, Вучиќ тврди дека ширењето на протестите, на кои неодамна им се приклучија и студенти, се финансирани од Запад со намера да го соборат него и неговата влада од власт „со различни хибридни тактики кои се користат за поткопување на земјата“.
„Ако мислат дека сум Асад и дека ќе побегнам некаде, нема“, рече Вучиќ.
Под слоганот „Рацете ви се крвави“, граѓани и активисти со денови протестираат пред Градското собрание на Нови Сад и бараат одговорност за смртта на 15 лица по падот на настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември. Несреќата во Нови Сад на 1 ноември покрена бран протести и блокади во Србија, а властите одговорија со апсење на учесниците.
Видете и ова: Протест во Нови Сад, се бара одговорност за смртта на 15 лица на железничката станица
Вучиќ рече дека во следните неколку денови и недели ќе разоткрие „детално колку пари се исплатени во последните четири години за да се уништи Србија“ и како што вели, да се направи вазална држава, „која нема да носи свои одлуки или да избира своја сопствена иднина, но наместо тоа ќе мора да слуша и да му служи на некој друг“.
Србија формално бара членство во Европската унија, а во меѓувреме одржува блиски односи со Русија и Кина. Вучиќ, кој тврди дека Србија е политичка неутрална, не се приклучи на западните санкции против Москва поради нејзината инвазија на Украина.
Во меѓувреме во српското Собрание влезе предлог закон со кој е предвидено формирање на регистар на „странски агенти“, налик на рестриктивниот закон претходно усвоен во Русија.
Нацрт-законот има за цел да ги регулира организациите и поединците кои добиваат повеќе од 50% од своето финансирање од странски извори. Критичарите и во Србија и на меѓународно ниво предупредија дека таквиот закон може да ги стигматизира граѓанските организации, да го попречи нивното работење и да ја ограничи слободата на изразување.