Лукашенко помилува 29 затвореници, додека стотици политички затвореници и натаму се зад решетки

Белорускиот авторитарен владетел Александар Лукашенко

Белорускиот авторитарен владетел Александар Лукашенко, помилува 29 политички затвореници во пресрет на јануарските претседателски избори, додека стотици други политички затвореници останаа зад решетки.

Белоруската претседатеска администрација не ги објави имињата на тие што се ослободени, но соопштија дека 11 од нив се жени, а 18 се мажи. Половина од ослободените боледуваат од хронични болести.

„Сите ослободени се покајаа за своите постапки и апелираа до шефот на државата да биде помилуван“, се вели во официјалното соопштение.

Во него се додава дека од нив шест се на возраст под 25 години, тројца се пензионери, двајца се инвалиди, а 15 се со хронични заболувања. Дополнително во соопштението е посочено дека белоруското Министерството за внатрешни работи „ќе ги следи помилуваните за да се увери дека повторно нема да го прекршат законот“.

Некои Белоруси ослободени во претходните помилувања пријавија дека биле малтретирани од владиниот безбедносен персонал.

Видете и ова: Ексклузивно: Белоруска државна фирма била руски „филтрационен“ камп за Украинци


Веднаш не беше јасно дали на списокот на помилуваните има некои истакнати активисти, од кои многумина се држат во, наводно, сурови услови без пристап до правно застапување.

Ова го означува седмиот случај на помилување политички затвореници во Белорусија оваа година, со што вкупниот број на ослободени поединци достигна 178.

Најновите помилувања доаѓаат во контекст на сурово задушување на масовните протести во Белорусија во 2020 година, предизвикани од оспорените резултати на претседателските избори. Лукашенко одговори на демонстрациите со широка репресија, принудувајќи најмалку 13.000 луѓе на егзил.

Лукашенко, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, се очекува да биде прогласен за победник на претседателските избори следната година.

Според организациите за човекови права, околу 1.300 политички затвореници остануваат во белоруските затвори, вклучувајќи политичари, новинари, застапници за човекови права и граѓански активисти.