Најмалку десетина луѓе се уапсени поврзани со РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј и на ТЕЦ Неготино при денешната акција на Министерството за внатрешни работи. Во соопштението од МВР е наведено дека во тек е полициска акција и дека по завршувањето на истатата ќе бидат соопштени детали. Истрагата ја водат двајца обвинители од Обвинителството за борба против организиран криминал и оттаму велат дека детали ќе соопштат во текот на денот.
Истрагата опфаќа 25 субјекти од кои 23 се физички лица, а две се правни лица, јавуваат дел од медиумите. Акцијата се спроведува во неколку градови, вклучувајќи Битола, Велес, Кичево и Скопје.
Видете и ова: РЕК Битола раскина еден од тендерите со „Марковски“, вреден 46 милиони евраОсомничени се дел од поранешни директори на ЕСМ и РЕК Битола. Меѓу осомничените се Васко Ковачевски, како поранешен генерален директор на ЕСМ, потоа Васко Стефанов, неговиот наследник и Пеце Матевски, поранешен директор на РЕК Битола, јавува Телма.
На оваа истрага и претходеше јавна критика од актуелната власт за лошото менаџирање со ЕСМ и сомнежи за криминал во јавните набавки.
Минатата недела РЕК Битола еднострано го раскина договорот со „Марковски Компани“ за ископ на јаглен и јаловина затоа што фирмата несовесно и неквалитетно ги извршувала задачите, соопшти на 5 декември директорот на термоелектраната Тони Петрушевски.
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, додека беше во опозиција, критикуваше дека тендерите склучени со оваа фирма се „местени“ во корист на тогашното раководство поставено од СДСМ.