Романската полиција уапси вооружени луѓе кои тргнале кон Букурешт

Романија - Полицијата објави фотографии од предмети за кои вели дека биле запленети ноќта на 8 декември 2024 година.

Полицијата во Романија приведе неколку лица кои се упатиле кон Букурешт носејќи пиштоли, мачети и ножеви за „нарушување на јавниот ред и мир“, соопштија властите во неделата.

Безбедносните служби сослушале најмалку 13 лица откако нивните возила биле запрени во текот на ноќта во областа Илфов, изјавија полициски извори за романската служба на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Видете и ова: Протести на десницата во Букурешт поради поништените избори по руско мешање

Властите не ги соопштија имињата на приведените, но според извори во правосудството, меѓу нив е и Хоратиу Потра, водач на контингент романски платеници кои се борат во африканската држава Конго.

Според романските медиуми, Потра во 2011 година бил осуден на две години затвор со условна казна, откако бил прогласен за виновен за основање паравоена група.

Државната новинска агенција „Аџерпрес“ објави фотографија на која се гледа како Потра е придружуван од неколку вооружени полицајци додека го носат на сослушување.

Апсењата се случија кога десетици поддржувачи на романскиот екстремно десничарски, проруски претседателски кандидат Калин Георгеску се подготвуваа да организираат протести во Букурешт откако Уставниот суд ги поништи резултатите од првиот круг гласање на претседателските избори, спречувајќи го вториот круг во неделата.

Собирот на поддржувачите на Георгеску, на кој и тој беше присутен, помина без инциденти.