Катедралата Нотр Дам во Париз беше отворена вечерта на 7 декември, пет години по разорниот пожар кој доведе до уништување на зградата стара 860 години.
Службите за итни случаи кои помогнаа да се спаси готското ремек-дело и луѓето вклучени во реставрацијата беа пречекани со овации додека парискиот надбискуп Лоран Улрих тропна три пати на вратите на Нотр Дам пред симболично повторно да ја отвори зградата.
Видете и ова: Зеленски, Трамп и Макрон на заедничка средба во ПаризНа двочасовната богослужба присуствуваа околу 40 шефови на држави и влади, вклучувајќи ги и новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Францускиот претседател Емануел Макрон во краткиот говор рече дека „вечерва можеме заедно да споделиме радост и гордост“.
„Стојам пред вас да ја изразам благодарноста на француската нација, нашата благодарност до сите оние кои ја спасија, помогнаа и ја обновија катедралата“, рече Макрон.
Мали групи парижани и туристи, и покрај влажното време и силните ветрови, беа надвор за да бидат сведоци на реставрацијата на катедралата, која беше на работ да се урне поради силниот пожар што ги зафати покривот и кулата.
Реконструкцијата чинеше околу 700 милиони евра, финансирани од донации.
Чувството за национален успех во обновувањето на симболот на Париз е поткопано од политичките превирања што ја оставија Франција без влада откако премиерот Мишел Барние поднесе оставка на 5 декември откако пратениците од екстремната десница и левица гласаа за пад на неговата влада.
Макрон се надева дека повторното отворање може да донесе чувство на национална гордост и единство - како што направија Олимписките игри во Париз ова лето.
Причината за пожарот во 2019 година не беше откриена и покрај форензичката истрага од страна на обвинителите, кои веруваат дека најверојатната причина била несреќа, како што е електричен дефект.
Во Париз во текот на викендот се воведени строги безбедносни мерки, слични на оние за време на Олимпијадата на почетокот на оваа година.