Украинскиот претседател Володимир Зеленски се состана со францускиот претседател Емануел Макрон и со Доналд Трамп, новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави (САД) во Париз, каде светските лидери се собраа на 7 декември на церемонијата на отворањето на реновираната катедрала Нотр Дам.
По средбата, украинскиот претседател Володимир Зеленски напиша на Телеграм дека во „добар и продуктивен“ разговор со Макрон и со Трамп се разговарало за ситуацијата на теренот во Украина и можноста за „праведен мир“.
„Разговаравме за нашиот народ, ситуацијата на бојното поле и праведен мир за Украина. Сите сакаме да ставиме крај на оваа војна што е можно побрзо и праведно“, напиша Зеленски на Телеграм.
„Претседателот Трамп, како и секогаш, е одлучен. Ние сме благодарни за тоа“, напиша тој.
„Да продолжиме со нашите заеднички напори за мир и безбедност“, рече Макрон.
Трамп досега не се огласи за средбата со Зеленски и со Макрон.
Зеленски, сакајќи да ја зајакне поддршката за Украина за време на руската инвазија, пристигна напладне во француската престолнина, каде што дојдоа повеќе од триесет државници од целиот свет.
Се очекува Зеленски да го напушти Париз веднаш по церемонијата во катедралата Нотр Дам, која беше обновена по пожарот во 2019 година со помош од околу 1 милијарда долари донации од цел свет.
Трамп, кој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, го критикуваше испраќањето милијарди долари од САД во Украина откако Русија ја почна инвазијата врз Украина во февруари 2022 година.
Трамп, исто така, рече дека би можел да ја заврши војната во рок од 24 часа ако повторно ја освои Белата куќа, изјава што се толкува како дека Украина ќе мора да ја предаде територијата што сега е под окупација на Русија.
Односите меѓу Трамп и Зеленски ги одбележа телефонски разговор во јули 2019 година за време на првиот мандат на Трамп.
Во тој разговор, Трамп побара од Зеленски да ги истражи активностите на Џо Бајден и неговиот син Хантер во Украина. Постариот Бајден го победи Трамп на претседателските избори во САД во 2020 година.
Разговорот доведе до обвинувања дека Трамп условил воена помош од речиси 400 милиони долари со истрага за Бајден.
„Очекуваме добра одлука од денешната средба со Макрон“, изјави извор од украинската делегација за новинската агенција АФП пред објавувањето на средбата меѓу Зеленски, Макрон и Трамп.
АФП објави и дека на церемонијата се очекува да присуствува Илон Маск, најбогатиот човек на светот и еден од најблиските сојузници на Трамп.
Претходно, Зеленски на Телеграм објави дека Данска го испорача вториот контингент повеќенаменски борбени авиони Ф-16. Данската премиерка Мете Фредериксен во ноември објави дека Данска ќе ѝ даде уште две серии борбени авиони Ф-16 на Украина.
Шест се веќе префрлени, а Копенхаген треба да испорача вкупно 19 авиони.