Романската полиција врши претреси како дел од истрагата за нерегуларности за време на првиот круг од претседателските избори, на кои победи десничарскиот кандидат Калин Георгеску.
„Три куќи во градот Брашов, во централна Романија, беа претресени на 7 декември, во рамки на истрага за повеќе кривични дела - изборна корупција, перење пари и компјутерска измама“, соопштија од Обвинителството.
Обвинителството прецизираше дека претресите биле насочени кон лице вмешано во „незаконско финансирање на изборната кампања на кандидат за претседател на Романија, користејќи финансиски средства“, но не го именуваше Гордеску.
Истрагата следува по еден ден откако Уставниот суд, највисокиот суд во Романија, го поништи гласањето на изборите.
Победата во првиот круг на кандидатот Георгеску кој е наклонет кон Русија предизвика шок низ Западот, поради доказите за масовна сајбер кампања на ТикТок оркестрирана од Москва во негова корист, а која во голема мера помина „под радарот“ на романските власти.
Одлуката на судот предизвика изненадување кај оваа членка на Европската унија и НАТО-Алијансата, која граничи со Украина и го отвори патот за почеток на нов изборен процес.
Новата влада треба да одреди датум за повторени избори.
Гордеску, малку познат аутсајдер, неочекувано победи во првиот круг од изборите на 24 ноември и беше фаворит за победа во вториот круг в недела против центристичката и проевропска кандидатка Елена Ласкони.
Сепак, документи подготвени за состанокот на Советот за национална безбедност по првиот круг на изборите „откриваат агресивна промотивна кампања, која е спротивна на изборното законодавство, и искористување на алгоритми за забрзување на популарноста на Калин Гордеску“.
Според еден од документите, еден корисник платил 381.000 долари за да го промовира Гордеску во периодот од 24 октомври до 24 ноември.
Врз основа на тие тврдења, Уставниот суд во петокот (6-ти декември) едногласно одлучи да го поништи целиот изборен процес со цел да се обезбеди неговата „коректност и законитост“.
Гордеску, 62-годишен поранешен државен службеник, водеше голема кампања за прекин на помошта за соседна Украина преку социјалните медиуми, особено ТикТок, предизвикувајќи загриженост за идната насока на Романија, која се смета за сигурен сојузник на НАТО.
Романскиот проевропски претседател Клаус Јоханис изјави дека ќе остане на функцијата се додека не се формира нова влада, која ќе одреди датум за претседателски избори.
Романските власти идентификуваа повеќе од 85.000 сајбер напади.