Сириската армија, под контрола на владата во Дамаск, се повлече од повеќето јужни области, вклучително и два провинциски главни градови, оставајќи ги под контрола на опозициските борци, јави агенцијата АП, повикувајќи се на извештаи на сириската армија и на опозициски воени набљудувачи.
Повлекувањето на владините сили од провинциите Дара и Свеида следуваше откако војници беа испратени во централните области околу Хомс, третиот по големина град во Сирија, додека бунтовниците се затворија во неговите предградија.
Брзиот напредок на бунтовниците претставува шокантен пресврт за сирискиот претседател Башар ал-Асад, кој се чини дека во голема мера е оставен да се грижи за себе додека неговите поранешни сојузници се преокупирани со други конфликти, според АП.
Видете и ова: Сириските бунтовници напредуваат кон Хомс, додека илјадници бегаатРами Абдурахман, шеф на Сириската опсерваторија за човекови права (организација која ја следи војната), на 7 декември објави дека ирански воени советници почнале да ја напуштаат Сирија.
Тој додаде дека борците поддржани од Иран во источна Сирија, главно од Авганистан и Пакистан, се повлекле во централна Сирија.
Ненадејниот напад започна на 27 ноември кога џихадистичката група Хајат Тахрир ал Шам (ХТС) го зазеде северниот град Алепо, најголемиот во Сирија, како и централниот град Хама, четвртиот по големина.
Оваа група потекнува од Ал Каеда, а Обединетите нации и САД ја прогласија за терористичка организација.
Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека владините трупи ги напуштиле повеќето од двете јужни провинции и испраќаат засилување во Хомс, каде се очекува голема битка.
По падот на градовите Дара и Свеида утрото на 7 декември, сириските владини сили сè уште контролираат пет провинциски центри - Дамаск, Хомс и Кунеитра, како и Латакија и Тартус на брегот на Средоземното Море.
Тартус е дом на единствената руска поморска база надвор од поранешниот Советски Сојуз, додека Латакија е дом на голема руска воздухопловна база.