Српската листа ќе учествува на косовските избори во февруари

Гласачки центар на вонредните локални избори за четири општини на северот на Косово, 21 април 2024 година.

Српската листа најави дека ќе учествува на косовските избори на 9 февруари следната година.

Ваквата одлука следи еден ден откако, како што се наведува, претседателот на Собранието на Косово „ги спречи пратениците на Српската листа да учествуваат во работата на Собранието. Тие тоа го нарекоа „срамен инцидент и кршење на законот, човековите и политичките права на Србите, загарантирани со меѓународните прописи“.

Членовите на Српската листа, која од ноември 2022 година ги бојкотира седниците на Собранието на Косово, еднаш на шест месеци се појавуваат во Собранието за да го задржат мандатот и да обезбедат продолжување на нивните плати.

Во четвртокот, на 5 декември, пратениците од владејачката партија Движење Самоопределување, како и претседателот на Собранието Глаук Коњуфца, ги спречија да влезат во Собранието, обвинувајќи ги за злоупотреба на народните пари.

Меѓународните претставници на Косово биле повикани од страна на Српската листа затоа што „молчат за тоа“, а како што велат од таа партија, на сите состаноци им било „барано да учествуваат на изборите и во работата на институциите“.

Видете и ова: Вучиќ: Србија ја истражува експлозијата на Косово

„Тие молчат кога претседателот на Собранието ги исфрла од парламентот демократски избраните претставници на српскиот народ, покажувајќи на тој начин највисоко ниво на лицемерие и недоследност“, се вели во соопштението на Српска листа објавено на Фејсбук.

Оваа водечка српска партија на Косово тврди дека тие „никогаш не биле посилни“ и дека како такви на изборите „ќе ги освојат сите десет мандати наменети за српскиот народ и ќе го зачуваат единството и хармонијата на српскиот народ на овие простори“.

До објавувањето во петокот, не беше сосема јасно дали Српската листа - која ја ужива поддршката на официјален Белград - ќе учествува на изборите, иако нејзиниот лидер Златан Елек го најави своето учество минатиот месец.

Во сегашниот состав на косовското Собрание, девет од десет загарантирани места за српската заедница припаѓаат на Српската листа.

Нејзините пратеници не учествуваат на седниците, поради „стратешка акција“ - како што го опишаа бојкотот на косовските институции - туку се појавуваат еднаш на секои шест месеци, за да не ги загубат мандатите.

Видете и ова: Борел: ЕУ го осудува терористичкиот напад на каналот Ибар-Лепенец

Пратениците на Српската листа се до инцидентот во четвртокот беа регистрирани без проблеми во Собранието.

Демократскиот институт на Косово во четвртокот оцени дека претседателот Коњуфца и пратениците од парламентарното мнозинство незаконски ги спречиле членовите на Српската листа да учествуваат на собраниската седница.

„Иако Српската листа ја бојкотира работата на Собранието од 2022 година, а тие се појавија во Собранието само за да избегнат завршување на мандатот, попречувањето на нивното присуство на денешната седница претставува кршење на уставниот мандат на пратениците“, соопшти Институтот кој додава дека континуирано ја критикува Српската листа поради тоа што не учествува во работата на Собранието.