Сириските бунтовници напредуваат кон Хомс, додека илјадници бегаат

Бунтовниците држат оружје пред зградата на гувернерот на Хама откако го освоија градот за време на нивното напредување низ северна Сирија на 5 декември 2024 година.

Руските сили бомбардираа клучен мост и автопат за да се обидат да го забават забрзаното напредување на бунтовниците кон сирискиот град Хомс, додека илјадници луѓе ја напуштија областа.

Набљудувачката група на Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија соопшти дека цивилите бегаат од Хомс кон медитеранските крајбрежни региони Латакија и Тартус, како и кон владините упоришта и локациите на руските воздушни и поморски бази.

Обединетите нации на 6 декември соопштија дека речиси 300.000 луѓе во Сирија веќе се раселени од крајот на ноември поради борбите и дека до 1,5 милиони би можеле да бидат принудени да избегаат, додека бунтовниците напредуваат и им нанесуваат загуби на силите на претседателот на земјата Башар ал-Асад, како и неговите сојузници Русија и Иран.

Асад се потпира на Иран и Русија за да останат на власт од избувнувањето на конфликтот во 2011 година до сега.

Видете и ова: Сириската армија соопшти дека ја изгубила контролата над Хама

Ројтерс цитираше офицер на сириската армија дека во текот на ноќта руските бомбардирања го уништиле мостот Растан долж клучниот автопат М5 што го поврзува Хомс со Хама, уште еден град заземен од бунтовниците еден ден претходно.

Бунтовниците, предводени од исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), постигнаа голем напредок во изминатите неколку дена, вклучувајќи го и освојувањето на Алепо, најголемиот град во земјата, како и 14 централни села и градови, и стигнаа до 35 километри од руската аеродромска база Хмеимим.

САД, Велика Британија, Канада и Европската унија ја сметаат ХТС за терористичка група.

Хама, четвртиот по големина град во Сирија, е клучен за одбраната на Дамаск и порта кон крајбрежните градови Тартус и Латакија, каде се наоѓа стратешката руска поморска база.

Во своето прво интервју за медиумите по неколку години, Абу Мухамед ал-Џулани, водачот на групата, за Си-Ен-Ен изјави дека целта „останува соборувањето на режимот на Башар ал-Асад:

„наше право е да ги искористиме сите расположливи средства за да ја постигнеме таа цел“, рече тој.

Видете и ова: Сириските воени сили, наводно, спречиле бунтовниците да стигнат до руска воздухопловна база

Покрај ХТС, меѓу бунтовниците се вклучени и групи на сириски милиции поддржани од Турција наречени Сириска национална армија.

Министрите за надворешни работи на Ирак, Сирија и Иран требаше да се сретнат на 6 декември за да разговараат за ситуацијата, додека портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова рече дека највисоките дипломати од Москва, Техеран и Анкара ќе се сретнат во Катар на 7 декември.

Државната новинска агенција ТАСС на 6 декември објави дека руската амбасада во Сирија ги повикала руските граѓани да ја напуштат земјата поради ситуацијата.