ЕУ ќе ја почне подготовката на пристапниот договор со Црна Гора ако земјата го задржи темпото на реформи

Илустративна фотографија.

Советот на Европската унија (ЕУ) е подготвен да ги започне подготовките за изготвување на пристапниот договор со Црна Гора, под услов Црна Гора да одржува постојан реформски напредок и да ги спроведе потребните реформи.

Тоа ќе го потврдат и министрите одговорни за европски прашања преку заклучоците што ќе ги донесат на средбата на 17 декември. Радио Слободна Европа (РСЕ) има пристап до нацртот на овие заклучоци.

Преку своите заклучоци, Советот на ЕУ особено ќе ја пофали Црна Гора за исполнувањето на привремените критериуми од поглавјата 23 и 24 за владеење на правото.

Како што е наведено во нацрт-заклучоците, позитивниот ИБАР за Црна Гора е „важна пресвртница што го означува почетокот на новата и последна фаза во пристапните преговори“.

Видете и ова: Црна Гора прва од Западен Балкан стана дел од Единствената зона за плаќање во евра, СЕПА

По неколку години стагнација, Црна Гора во јуни годинава ги одмрзна пристапните преговори со Европската унија.

Сега Црна Гора е во процес на затворање на сите поглавја од преговорите, со амбиција до крајот на 2026 година да го заврши процесот, со цел до крајот на оваа деценија да стане полноправна членка на ЕУ.

Инаку, Европската унија вообичаено почнува да работи на нацрт-пристапниот договор со земја-кандидат откако во голема мера ќе завршат пристапните преговори.

Ова обично се случува откако Европската комисија и земјата-кандидат ќе постигнат консензус дека земјата е задоволително усогласена со правото на ЕУ и ги исполнила потребните политички, економски и административни услови.