Косовскиот државјанин Незир Мехметај на 6 декември во Вишиот суд во Белград беше осуден на шест години затвор за воено злосторство врз цивилното население во селото Рудице во Косово во 1999 година.
Судот наведе дека е утврдено дека Мехметај во јуни 1999 година учествувал во киднапирањето на цивил од ромска националност, Џелаи Рамадан, чии останки сè уште не се пронајдени.
Според судот, тој бил придружуван од други припадници на Ослободителната војска на Косово.
Во пресудата се наведува и дека Мехметај бил припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и дека во тоа време се движел низ селото во униформа на ОВК.
За овој случај, како што се наведува, исказ дале девет сведоци, а двајца од нив биле присутни во селото Рудице.
Во обвинението беше наведено дека Мехметај учествувал во убиството на петте членови на семејството Дашиќ во средината на јуни 1999 година, а на крајот на месецот во убиството на Јелај Рамадан и Зорка Шиљаковиќ.
Видете и ова: На Косово се уапсени пет лица осомничени за воени злосторстваСудот наведе дека не е докажано неговото учество во убиството на членовите на семејството Дашиќ и Зорка Шиљаковиќ, како ни тоа дека Мехметај учествувал во грабежот и палењето на десет куќи во селото што им припаѓале на неалбанци во јули 1999 година.
Адвокатот на Незир Мехметај, Милиќ Константиновиќ, за Радио Слободна Европа изјави дека тој ќе продолжи да се бори и дека нема релевантни докази за ниту една точка на обвинението.
Тој наведува дека судот не ги прифатил доказите што ги понудиле дека Мехметај во тоа време не бил во селото Рудице, туку во Швајцарија.
„Судот очигледно ја засновал својата одлука на исказот на заштитен сведок кој дал многу контроверзна изјава во обвинителството. Се работи за лице кое во моментот на инцидентот имало 14 години“, вели Константиновиќ.
Константиновиќ вели дека во текот на судењето одбраната нагласила дека е обвинет за дела по јуни 1999 година, кога заврши војната.
На 9 јуни 1999 година беше потпишан Кумановскиот договор со кој заврши бомбардирањето на тогашната Сојузна Република Југославија (СРЈ), по што припадниците на југословенската армија и српската полиција го напуштија Косово, а на територијата влегоа војниците на НАТО.
Видете и ова: Долги судења и мизерен надомест: слична судбина на жртвите од воени силувањаВо пресудата судот наведува дека фактичката состојба во селото Рудице била таква што вооружениот конфликт се уште траел, како и дека „се користела ситуацијата на повлекување на силите на СРЈ“.
Константиновиќ смета дека обвинителството тоа не го докажало.
На 4 јануари 2020 година, Незир Мехметај беше уапсен од српската полиција на преминот Мердаре, меѓу Косово и Србија, по потерница распишана од српското правосудство. Оттогаш тој е во притвор во Белград.
Обвинителството за воени злосторства во Белград го поднесе обвинението на 30 јуни 2020 година.
Вишиот суд во својата пресуда наведе дека во казната е вклучено и времето поминато на Мехметај во притвор.
За оваа пресуда е дозволено право на жалба до Апелациониот суд во Белград.