Унгарското претседателство со Европската унија (ЕУ) уште еднаш ќе се обиде да ги убеди земјите членки да одобрат отворање кластер со Србија. Сепак, мали се шансите Србија да отвори кластер во декември, иако Унгарија потврдува дека нема да ги прекине ангажманите.
Во новите нацрт-заклучоци за проширувањето, во кои имаше увид Радио Слободна Европа, а кои треба да бидат усвоени на состанокот на министрите на ЕУ на 17 декември, само се наведува дека Советот на ЕУ „ја прифаќа оценката на Комисијата дека Србија го одржува нивото на подготвеност за првичните одредници во кластерот 3“.
Кластерите беа воведени во 2020 година кога беше усвоена ревидираната методологија за проширување на ЕУ. Има вкупно 6 кластери и во нив се тематски поглавја. Поглавјата во пристапните преговори останаа непроменети и ги има 35.
Кластерот 3 што Србија чека да го отвори е поврзан со конкурентноста и инклузивниот раст.
Ова е трета година како Европската комисија потврдува дека Србија е подготвена да го отвори овој кластер.
Видете и ова: Србија не се усогласи со одлуките на ЕУ за продолжување на рестрикциите во ПридњестровјеСрбија последен пат отвори кластер во пристапните преговори во декември 2021 година. Два месеци подоцна започна војната во Украина, а поради невоведувањето санкции против Русија, преговорите за членство меѓу Брисел и Белград беа замрзнати.
Санкциите се клучната причина зошто Србија, до неодамна лидер во процесот на интеграција во ЕУ, не напредуваше во преговорите за членство, бидејќи некои земји-членки не се задоволни од состојбата во однос на владеењето на правото, слободата на изразување и немањето напредок во дијалогот со Косово.
Унгарија, која претседава со Европската Унија од јули и ја одредува агендата, повторно го покрена прашањето за можното продолжување на пристапните преговори меѓу Србија и ЕУ.Досега не беше успешна, иако Србија ја става како точка на практично секоја агенда на состаноци поврзани со проширувањето на ЕУ.
Видете и ова: Кос: Ќе направам сè билатералните спорови да не се пречка кон проширувањетоСитуацијата со Србија дополнително ја усложнува ставот на Холандија, која е против отворање на кластерот 3. Ваквиот став на Владата го поддржа и Претставничкиот дом на Парламентот на таа земја. На официјалната веб-страница на Претставничкиот дом е објавено советодавно мислење на оваа институција, кое не поддржува отворање на кластерот 3 со Србија.
Во образложението на Претставничкиот дом се подвлекува дека постои значителна загриженост во однос на владеењето на правото во Србија и недоволен напредок во дијалогот со Косово. Од Србија се бара и да го подобри процентот на усогласеност со безбедносната и надворешната политика на ЕУ.
Иако Владата на Холандија не е законски обврзана да ги спроведува советодавните мислења на Претставничкиот дом за прашања поврзани со проширувањето, во повеќето случаи таа ги спроведува тие одлуки, бидејќи Претставничкиот дом игра значајна улога во обликувањето на владината политика, особено за прашања поврзани со ЕУ.
Доколку Унгарија не успее да ги убеди сите земји-членки, што е многу веројатно сценарио, тогаш идната шанса за Србија е следната година.