Во градот Керч на полуостровот Крим утрината на 6 декември се слушнале експлозии, а мостот што го поврзува полуостровот окупиран од Русија бил затворен за сообраќај, објавија локалните канали на Телеграм.
Според каналот „Кримски ветер“ експлозии се слушнале во областа на бродоградилиштето.
Првите експлозии биле пријавени во 07:00 часот по локално време, изјавија очевидци за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Руското Министерство за одбрана соопшти дека регионот Керч е цел на воздушни и беспилотни напади извршени од Украина. Ова министерство соопшти дека руските сили го собориле дронот и потонале две поморски беспилотни летала.
Украина не ги коментираше овие руски тврдења.
Видете и ова: Зошто нуклеарната агенција на ОН финансира руски истражувања на Крим?Crimea.Realities, проект на украинскиот сервис на Радио Слободна Европа, објави дека за време на нападот во Керченскиот теснец биле активирани системи за противвоздушна одбрана.
Керч е еден од најголемите градови на Крим и е клучен индустриски, транспортен и туристички центар.
Русија илегално го анектираше украинскиот полуостров Крим во 2014 година, а започна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Нападите на Крим се случуваат постојано, особено во близина на мостот.
Силната експлозија што го погоди мостот во октомври 2022 година доведе до пожар и уривање на дел од коловозот. Според руските извештаи, во тој инцидент загинале три лица.