Интердисциплинарна комисија ќе го разгледува случајот со третоодделенецот од основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Скопје кој требаше да биде префрлен во основното училиште „11 октомври“, најави Министерството за образование и наука (МОН).
„На иницијатива на МОН е формирана интердисциплинарна комисија составена од претставници на министерството, Бирото за развој на образованието, општината, училиштето и социјалните служби, која се состанува за разгледување и преземање соодветни мерки и активности согласно законската регулатива, во чиј фокус се најдобрите интереси на ученикот, но и на сите инволвирани“, велат од МОН.
Поради овој случај денеска (5 декември) немаше настава во двете скопски училишта.
Третоодделенецот од чие однесување се жалат родители од ОУ „Лазо Ангеловски“ требаше да биде префрлен во ОУ „11 Октомври“.
Родителите на ученици од „11 Октомври“ ја бојкотираа наставата, а по повлекување на одлуката и негово враќање во матичното училиште „Лазо Ангеловски“, денеска (5 декември) празно остана и ова училиште.
Видете и ова: Страшни приказни од основни училишта - насилството се врти во кругСпоред вчерашната изјава на министерката Весна Јаневска, случајот добил преголема, непотребна и донекаде неправедна јавност и обем.
„Системот на државата е должен да му овозможи на било кое дете да поминува низ образовен процес. Училиштето од каде што потекнува детето, на располагање има психолог, педагог и директор и цел систем за да го реши проблемот. Ист таков систем има и училиштето во кое што оди сега детето. Тоа не смее да остане на улица“, изјави Јаневска.
Основното образование е задолжително во Северна Македонија.
Министерката повика на разум и рече дека ако училиштата, стручните служби, општините не најдат решение, проблемот ќе го решава МОН.