Сириската армија денеска (5 декември) призна дека ја изгубила контролата врз стратешкиот централен град Хама за прв пат по избувнувањето на војната во 2011 година, во услови на офанзива на бунтовниците.
„Во текот на изминатите неколку часа, со интензивирањето на конфронтациите меѓу нашите војници и терористичките групи... овие групи успеаја да се пробијат до градот и да влезат во него“, се вели во соопштението на армијата, во кое се додава дека „воените единиците стационирани таму се прераспоредени“ надвор од градот.
Претходно сириските бунтовници соопштија дека ја презеле контролата врз затворот Хама и ги ослободиле затворениците.
„Нашите сили влегоа во централниот затвор во Хама и ослободија стотици затвореници“, напиша Хасан Абдел Гани, водач од единицата за воени операции на бунтовничките фракции, на каналот Телеграм.
Видете и ова: Сириската војска започна контраофанзива во градот ХамаВо четвртиот по големина сириски град, Хама, имаше големи демонстрации против претседателот Башар ал-Асад во 2011 година, а масакрот таму во 1980-тите останува меѓу најтемните поглавја во историјата на земјата.
На околу 210 километри северно од главниот град Дамаск, Хама е стратешки позициониран, поради неговата локација меѓу градот Алепо кој бунтовниците го зазедоа на 1 декември и Дамаск, кој важи за моќната база на Асад.
Градот, со население од околу еден милион, е претежно населен од сунити, но има и малцинство од алавитската секта на шиитскиот ислам, на која и припаѓа Асад. Неговото семејство владее со Сирија повеќе од пет децении.
Видете и ова: Кои се милитантите кои заземаат делови од територијата на Сирија?Како и другите сириски градови, Хама се побуни во 2011 година против Асад по бруталното задушување на антивладините протести од страна на владата, што предизвика граѓанска војна што привлече странски сили и џихадисти.
Во тоа време, стотици илјади луѓе излегоа на улиците на Хама, а амбасадорите од САД и Франција се сретнаа со демонстрантите, што предизвика гнев на владата. На 31 јули истата година трупите започнаа голема офанзива против градот, при што според опозициските групи загинале најмалку 139 луѓе.