Соединетите Држави повикаа на темелна истрага за потезите на Москва да влијае на романските претседателски и парламентарни избори, откако декласифицирани документи на 4 декември покажаа дека земјата била цел на „агресивна хибридна руска акција“ за време на неодамнешните изборни кампањи, вклучително и на неочекуваната победа на прорускиот кандидат на екстремната десница на првиот круг од изборите во Романија.
Врховниот совет за национална одбрана ги декласифицира документите, велејќи дека тие покажуваат дека Романија била цел на различни координирани дејствија што довеле до победа на Георгеску на 24 ноември.
Гласачите во земјата-членка на ЕУ и НАТО ќе го одлучат победникот на претседателските избори во вториот круг на 8 декември, во кој Георгеску ќе се соочи со проевропската центристичка кандидатка Елена Ласкони.
Веќе беше објавено дека Тик-Ток се користел за да се генерира поддршка за Георгеску и да се поврзе со романската милионска публика. Но, декласифицираните документи покажуваат дека романската разузнавачка служба верува дека Георгеску бил масовно промовиран на Тик-Ток со поддршка од Русија преку повеќе методи, вклучувајќи координирани профили, алгоритми за зајакнување на неговото присуство на платформата и платена промоција.
Документите помагаат да се објасни како популарноста на Георгеску се зголемила од 1 процент непосредно пред трката на 22 проценти, преку огромна манипулативна операција во која беа вклучени влијателни и заробени романски институции, како и обични гласачи.
Според декласифицираните документи, околу 25 000 профили на Тик-Ток, наводно користени за зголемување на популарноста на Георгеску, „станале многу активни две недели пред датумот на изборите“.
Околу 800 од овие профили имале исклучително мала активност до 11 ноември. Од тој датум наваму „целата мрежа беше активирана во полн капацитет“, се вели во документите.
Видете и ова: Како Тик-Ток му помогна на романскиот десничар да стигне до вториот круг од изборите?Документите на разузнавачката служба, исто така, покажуваат дека влијателите на Тик-Ток биле регрутирани за да го промовираат Георгеску директно, со јавно поддржување и индиректно преку неутрални пораки кои содржеле етикети поврзани со него.
Друг метод што се користеше за промовирање на независниот кандидат вклучуваше креирање на профили кои лажно ги претставуваа институциите на романската држава. Откриени се десетици профили кои лажно го користеле логото на разузнавачката служба и насловот Антитерористичка бригада (BAT), секоја прикажувајќи илјадници следбеници и над 100 000 лајкови.
Овие лажни профили имаа поддржувачки објави за Георгеску, во кои се претставува лажно мислење дека овие државни институции го поддржуваат.
Романските разузнавачки служби навестуваат дека во операцијата биле потрошени големи суми пари. Георгеску, според информациите откриени во декласифицираните документи, им изјавил на романските изборни власти дека не потрошил ништо за својата кампања.
Видете и ова: Прорускиот екстремен десничар Георгеску победи во првиот круг на изборите во РоманијаРазузнавачката служба ја поврза операцијата со Русија со напомена дека податоците за пристап до официјалните романски изборни веб-страници се објавени на руски платформи за сајбер криминал. Податоците за пристап веројатно се набавени со таргетирање на легитимни корисници или со искористување на легитимниот сервер за обука, соопшти разузнавачката служба.
Се додава дека службата идентификувала повеќе од 85 000 сајбер напади кои имале за цел да ги искористат пропустите на системот.
Русија негира какво било мешање во изборите во Романија.