Падна француската влада

Премиерот Мишел Барние заминува по говорот за време на дебатата за гласање недоверба на француската влада, Париз, 4 декември 2024 година.

Францускиот парламент на 4 декември и изгласа недоверба на владата предводена од премиерот Мишел Барние.

За недоверба на владата и изгласаа 331 пратеник, значително повеќе од потребното мнозинство од 288 гласа.

Дебаклот на француската влада следува по одлуката на претседателот Емануел Макрон да го распушти парламентот во јуни, што доведе до предвремени избори.

Тие избори резултираа со парламент поделен на три приближно еднакви групи без јасно мнозинство.

Ова значеше дека малцинската центристичка влада под Мишел Барние беше на милост и немилост на левичарската алијанса Нов народен фронт (НФП) и екстремно десничарскиот Национален собир (РН), кои заедно имаа доволно пратеници за да ја соборат од власт.

Барние во понеделникот најави дека за да избегне гласање во парламентот, ќе го протурка делот од буџетот поврзан со социјалното осигурување преку посебна процедура.

Оваа постапка, пак, им овозможи на пратениците од опозицијата да иницираат гласање за недоверба.

Видете и ова: Во францускиот Парламент ќе се гласа за доверба на владата

Лидерката на француската екстремна десница Марин Ле Пен по изгласувањето недоверба на владата изјави дека расте притисокот врз претседателот на земјата, но дека таа засега не бара оставка од Макрон.

Таа рече дека екстремната десница има одредени барања за поддршка за можнниот наследник на Барние, но и дека ќе му дозволи на следниот премиер да ја преземе работата.

Жан-Лук Меланшон, кој ја предводи екстремно левичарската партија „Франција неосвоена“ (LFI), која е дел од поширокиот левичарски сојуз, го изрази своето задоволство од падот на владата.

„Дури и со нов Барние на секои три месеци, Макрон нема да издржи три години“, додаде тој, мислејќи на преостанатото време на претседателот Макрон на функцијата.

Видете и ова: Владата на Франција пред пад?

Нови избори уставно не се можни пред јуни, а Макрон сега ќе се соочи со голем предизвик во именување на нова влада во парламентот кој е поделен повеќе од кога било, како и со повиците за негова оставка.

Како што објави Ројтерс, Макрон има намера брзо да назначи нов премиер.

Еден од изворите за Ројтерс изјави дека Макрон се надева дека ќе има некого веќе на 7 декември, кога новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе биде во Париз, на отворањето на црквата Нотр Дам.