Руски високи фунцкионери директно вклучени во депортација на украински деца

Истражувачки новинари идентификуваа белоруски кампови во кои руските власти насилно ги префрлија украинските деца и беа изложени на проруска пропаганда.

Високи руски власти, вклучително и претседателот Владимир Путин, биле директно вклучени во наредбата за присилно пренесување, згрижување и подоцна посвојување на украинските деца иселени од воените зони и окупираните региони на Украина, открија американски истражувачи.

Во извештајот објавен на 3 декември, истражувачите од Универзитетот Јеил соопштија дека најмалку 314 деца од Украина биле предмет на „систематска програма на принудно посвојување и згрижување“ од страна на руски поединци и семејства.

„Руската Федерација се вклучи во систематско, намерно и широко распространето принудно посвојување и префрлање на деца од Украина.Операцијата беше иницирана од Путин и неговите подредени со намера да ги „русифицираат“ децата од Украина“, се вели во извештајот.

Во него се посочени голем број докази кои укажуваат на можна вина за воени злосторства од страна на Путин и другите високи функционери.

Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Путин во март 2023 година за „воено злосторство-незаконско депортирање“ и „незаконско пренесување“ на деца од украинска територија во Русија. Обвинета беше и комесарката за правата на децата во Кремљ, Марија Лвова-Белова.

Истражувачите од лабораторијата за хуманитарни истражувања на Универзитетот Јеил, чија работа е делумно поддржана од Стејт департментот на САД, рекоа дека во својот извештај документирале докази кои датираат од 2022 година па наваму:

  • Авионите регистрирани во руските воздухопловни сили и претседателската канцеларија биле користени за прелетување деца во Русија;
  • Украинските деца биле носени во Русија со месеци, се запишувале во руски училишта, а потоа биле наведени во базите на податоци за сместување деца;
  • Некои украински деца се појавуваат во руските бази на податоци како да се родени во Русија, а не во Украина;
  • Руските граѓани кои преземале законско старателство на украински малолетници добиле „овластување“ да аплицираат за руско државјанство за децата во кои се под нивно старателство;
  • Украинските деца биле подложени на „проруско превоспитување“ во руските државни институции.


Поголемиот дел од децата од Украина кои се наведени во руските бази на податоци, се вели во извештајот, биле земени од Доњецк, источноукраински регион кој е делумно окупиран од руските и руските сојузнички сили од 2014 година.

Кремљ прогласи анексија на регионот Доњецк и три други украински региони, Луганск, Запорожје и Херсон, како и Кримскиот Полуостров. Само Сирија и Северна Кореја го признаа овој потег.

Руските власти често ги прикажуваат нивните напори како хуманитарен гест, засолниште, хранење или заштита на децата од војна во окупираните региони. Меѓутоа, во многу случаи, руските власти направија малку за да ги идентификуваат родителите или роднините или законските старатели на украинските деца.

Украинските официјални лица, новинари и активисти на граѓанското општество, во меѓувреме, исто така собраа значителни докази за државната поддршка за префрлање и депортирање на деца надвор од Украина.

Во многу случаи, напорите ја оптоварија руската и онака преоптоварена инфраструктура за социјална заштита. Стотици украински деца беа префрлени од окупираните украински региони и испратени во мрежа од летни и празнични кампови во Белорусија, каде што беа изложени на проруско образование и пропаганда, открива истражувањето на РСЕ.

Според официјалните украински бројки, од 24 јули 2024 година, 19.546 деца биле депортирани од Украина во Русија од почетокот на сеопфатната инвазија на Русија во февруари 2022 година.

Украинскиот комесар за човекови права минатиот месец рече дека 1.012 деца биле вратени од Русија до денес.