Деветти обид да се избере претседател на бугарскиот парламент

Зградата на бугарскиот парламент во Софија (илустрација)

Бугарските пратеници претпладнево ќе остварат нов обид - деветти по ред за избор на претседател на Парламентот, јави БТА.

Минатата недела тие повторно не успеаја да изгласаат шеф на законодавниот дом.
Во петокот ГЕРБ-СДС ја смени тактиката - лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов објави дека ја повлекуваат кандидатурата на нивниот кандидат Раја Назарјан и ќе ја поддржат Наталија Киселова, која е предложена од „БСП- Обединета левица“.

Услов беше левицата да собере мнозинство без „Преродба“ и „ДПС-Нов почеток“.

Во вториот круг беа Киселова и Силви Кирилов од „Има таков народ“, но и двајцата не го собраа потребниот број гласови поради што денеска (4 декември) ќе биде деветти обид за избор на претседател на Собранието.

Видете и ова: ЕК ја стопираше исплатата на втората транша од Планот за закрепнување за Бугарија

Во меѓувреме, во неделата се појави уште еден кандидат за функцијата - националното раководство на „Демократите за силна Бугарија“ (ДСБ) им предложи на своите коалициски партнери „Да, Бугарија“ и „Продолжуваме со промената“ заедничка кандидатура на коалицијата да биде Атанас Атанасов.

Коалициските партнери ја поддржаа идејата, а од првата политичка сила од последните избори ГЕРБ-СДС изјавија дека доколку се постигне редовна влада, премиерот мора нужно да биде од првата политичка сила.