Украина повторно повика на членство во НАТО, велејќи дека само целосното приклучување кон Алијансата ќе ја гарантира нејзината идна безбедност додека се бори да го спречи речиси тригодишниот напад на Русија во целосен обем.
„Убедени сме дека единствената вистинска гаранција за безбедноста на Украина, како и факторот за одвраќање за понатамошна руска агресија против Украина и другите држави, е само полноправното членство на Украина во НАТО“, се вели во соопштението на украинското Министерство за надворешни работи објавено пред состанок на министрите за надворешни работи на алијансата на 3 декември во Брисел.
Како реакција на изјавата на Министерството, портпаролот на Кремљ Димтриј Песков на 3 декември рече дека пристапувањето на Украина во НАТО би било „неприфатливо“ и „закана“ за Русија.
Изјавата доаѓа само неколку дена откако претседателот Володимир Зеленски изјави за Скај њуз дека приемот на Украина во НАТО може да стави крај на, како што рече, „жешката фаза на војната“ што ја предизвика Русија кога ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година.
Видете и ова: Состанок на министрите за надворешни работи на НАТОЗеленски изјави за Скај њуз на 30 ноември дека ќе биде подготвен да размисли за прекин на огнот доколку неокупираните територии на Украина паднат под заштита на НАТО, се додека поканата за приклучување кон алијансата ги признава меѓународните граници на Украина.
„Ако сакаме да ја запреме жешката фаза на војната, треба да ја земеме под чадорот на НАТО територијата на Украина што ја имаме под наша контрола“, рече Зеленски.
Состанокот во Брисел треба да се фокусира на континуираната воена поддршка на НАТО за Украина, да ги испита потребите на Киев за воздушна одбрана, а исто така да разговара и за руското лансирање минатиот месец на експериментална балистичка ракета против украинскиот град Днипро.
Русија соопшти дека новата ракета со среден дострел, наречена Орешник, може да погоди и цели низ Европа и не може да биде запрена од воздушната одбрана.
На почетокот на 3 декември, Русија започна уште еден напад со беспилотни летала врз Украина, кој во голема мера беше одбиен од украинската противвоздушна одбрана, која собори 22 од 28-те дојдовни беспилотни летала во девет региони - Киев, Чернихив, Винње, Хмелницки, Житомир, Суми, Одеса, Миколајев и Дњепропетровск.