Уставниот суд на Романија го потврди резултатот од првиот круг од претседателските избори

Претседател на Уставниот суд на Романија, Маријан Еначе, на прес-конференција го потврди резултатот од првиот круг, 2 декември 2024 г.

Уставниот суд на Романија во понеделникот ги потврди резултатите од првиот круг од претседателските избори со што го отвори патот за гласање во вториот круг на 8 декември.

Победата на не толку познатиот кандидат на екстремната десница Калин Георгеску на 24 ноември поттикна сомнеж за надворешно мешање во изборниот процес во земја која досега беше верен сојузник на Украина, пишува Ројтерс.

Видете и ова: Како Тик-Ток му помогна на романскиот десничар да стигне до вториот круг од изборите?

Одлуката на Уставниот суд ја отстранува неизвесноста што ја зафати Романија откако судот минатата недела нареди пребројување на гласовите.

Георгеску во вториот круг ќе се соочи со кандидатката на десниот центар Елена Ласкони.

Вчера (1 декември) во Романија се одржаа и парламентарни избори, на кои најмногу гласови освои владејачката левичарска Социјалдемократска партија, но екстремно десничарските партии освоија третина од мандатите во новиот парламент.

Видете и ова: Владејачката Социјалдемократска партија води на изборите во Романија

Кој ќе ја формира владата на крајот ќе зависи од тоа кој ќе биде победник на претседателските избори, бидејќи претседателот го назначува премиерот од парламентарното мнозинство.