До Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) била поднесена претставката против актуелната директорка на Агенцијата за разузнавање (АР), Габриела Јаковлева, бидејќи, како што се тврди во неа, не биле доставувани извештаи за работата до повеќе тела во државата. Меѓутоа, со образложение дека оваа Агенција е под надлежност на шефот на државата, Антикорупциска ќе ја препрати претставката кај претседателката Гордана Сиљановска Давкова, одлуки комисијата на седница на 2 декември.
Агенцијата за разузнавање, согласно закон, за работите од своја надлежност треба да известува повеќе државни органи – претседателот на Собранието, Владата, премиерот, како и Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница и други органи во зависност од предметот за кој работи.
Видете и ова: Филипче и порачал на Давкова - Спојувањето на безбедносните агенции е ризичноВо претставката што е поднесена против директорката е наведено дека таа досега не доставила информации за работењето до Собранието.
„ДКСК не може да навлезе во надлежноста дали комуникацијата и размената на податоците помеѓу наведената Агенција и другите органи тече согласно потребите од причина што надлежен орган за законско постапување на законот за Агенција на разузнавање е претседателот на државата. ДКСК нема надлежност да навлегува дали комуникацијата согласно закон помеѓу наведените институции тече согласно потребите и динамиката која ја определува самата Агенција. За размена на нивните информации дали се во време и на место согласно закон, проценува претседателот на државата“, рече членот на ДКСК, Цвета Ристовска.
Претседателката Сиљановска Давкова ја назначи Јаковлева за директорка на АР на 28 јуни.
Антикорупционерите на денешната седница споменаа уште еден предмет кога е во прашање Агенцијата за разузнавање. Станува збор за претставка против вработен кој наводно за време на парламентарните избори имал објавено фотографии од партиски штаб на Фејсбук. ДКСК посочи дека овој предмет го препуштила на внатрешната контрола на АР за да се види дали наводите се точни или не.
Антикорупциската комисија претходно добија и други пријави за безбедносниот сектор, по што беше оформен предмет за директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, поради сомнежи за сертификатот по англиски јазик добиен од Бугарија.
Видете и ова: Се отвори „Пандорината кутија“ со сертификатите за англиски јазикНо, за овој случај од ДКСК сè уште прибираат информации.
„Во однос на случајот за којшто прашувате, доставени се неколку пријави до ДКСК. Од страна на ДКСК поднесени се барања за прибирање на потребна документација за утврдување на фактичката состојба, за што сè уште течат законските рокови за доставување на истата. По утврдување на фактичката состојба ќе биде донесена одлука на јавна седница на ДКСК“, одговорија од Антикорупциска на новинарско прашање по денешната седница.
Предметот за Христовски беше отворен на 22 октомври по анонимна пријава дека тој не ги исполнува условите за директор.
Тој беше именуван на функцијата на 16 октомври откако Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го разреши поранешниот директор Зарко Милошевски.