Баербок ја предупреди Кина дека поддршката за Русија ќе влијае на односот со Германија

Аналена Баербок, министерка за надворешни работи на Германија (фотоархива).

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок на 2 декември го предупредила нејзиниот кинески колега дека поддршката на Пекинг за Русија ќе влијае на односите и врските помеѓу Германија и Кина, соопштија од нејзиниот кабинет.

Шефицата на германската дипломатијата се сретна со нејзиниот колега Ванг Ји во Пекинг во период кога Берлин се обидува да изгради подобри врски со Кина додека се занимава со клучните разлики меѓу двете држави.

Видете и ова: Шолц во посета на Киев, вети ново оружје за Украина

Според соопштението од германското Министерство за надворешни работи, Баербок му рекла на Ванг дека „зголемената кинеска поддршка за руската војна против Украина има влијание врз нашите односи“.

„Засегнати се суштинските германски и европски безбедносни интереси“, рекла германската министерка.

Кина се претставува како неутрална страна во војната во Украина и вели дека не испраќа воена помош на ниту една од страните, за разлика од САД и другите западни земји. Но, таа и понатаму е близок политички и економски сојузник на Русија, а членките на НАТО го означија Пекинг како „одлучувачки овозможувач“ на војната којашто Кина никогаш не ја осуди.