Ховениер за нападот на каналот Ибар-Лепенец: Сè уште е рано да се знае виновникот

Американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер

Американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, изјави дека Соединетите Држави силно го осудуваат „страшниот напад“ на каналот Ибар-Лепенец во Зубин Поток во петокот, 29 ноември, и дека, иако сè уште е рано да се знае кој е одговорен, во оваа фаза „ниту една група или држава не смее да биде исклучена“.

Ховениер ова го изјави по средбата со премиерот на Косово, Албин Курти, кој го повика дипломатскиот кор на Косово за да го информира за најновите информации во врска со нападот, кој Косово го смета за терористички и ја обвинува Србија.

Србија, пак, ги негира сите обвинувања и наведува дека води сопствена истрага за овој случај.

„Во моментов, САД не можат да кажат кој стои зад нападот, сè уште е рано да се каже и случаите како овој бараат внимателно спроведени истраги. Она што можам да кажам е дека им понудивме помош на косовските власти. Веруваме дека тоа е многу важно е да се спроведе темелна истрага за да се идентификуваат одговорните“, рече Ховениер.

Видете и ова: КФОР го одби барањето за испраќање на косовски безбедносни сили на северот на Косово

Амбасадорот додаде дека нападот го загрозил животот на граѓаните на Косово и дека „одговорните мора да одговараат“.

Специјалниот претставник на Европската Унија во Косово, Аиво Орав, изјави дека највисоките функционери на Европската Унија јасно го искажале својот став за овој случај, повикувајќи се на претходното соопштение на ЕУ во кое нападот е оценет како „терористички и чин на саботажа“.

Видете и ова: Борел: ЕУ го осудува терористичкиот напад на каналот Ибар-Лепенец

Нападот се случи во селото Вараге во општина Зубин Поток, општина со мнозинско српско население на северот на Косово. Косовската полиција соопшти дека нападот бил извршен со експлозивен материјал тежок до 20 килограми.

Каналот Ибар-Лепенац го снабдува со вода целиот север на Косово, подрачјето на Митровица, Приштина и околината, како и Електростопанство на Косово.

Новинарите на Радио Слободна Европа во понеделник (2 декември) објавија дека вода сè уште истекува од каналот, но дека надлежните работат на решавање на проблемот.

Косовските власти уапсија осум осомничени во врска со нападот и извршија претрес на северот на земјата.

Основниот суд во Приштина во неделата соопшти дека обвинетиот Д.В. изрече мерка притвор од еден месец поради сомнение дека сторил кривично дело загрозување на уставниот поредок со уништување или оштетување јавни објекти и опрема.

Нападот беше остро осуден од Меѓународната заедница.