Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева на 2 декември си поднесе оставка. Во своето обраќање до јавноста таа рече дека оставката е неотповиклива и дека одлуката ја донела како последица на обидите да се наруши нејзиниот интегритет од неколку политичари од власта, меѓу кои и премиерот Христијан Мицкоски.
Дамева рече дека власта нема слух за подобрување на состојбите во судството, туку напротив го опструира, и дека политичарите од владејачката гарнитура постојано го критикувале Судскиот совет.
„Она што ми беше најтешко и кое беше клучно за мојата одлука се нарачани текстови кои се споделуваа по одредени портали, и тука беше јасна намерата, се бараше начин да бидам оцрнета, да бидам прикажана како влијаам врз судски постапки во кои е оштетена компанија со која управува на мојот сопруг, и тоа го игнорирав. Никогаш и на ниту на еден начин не сум влијаела, ниту сум се довела во таква ситуација“, вели Дамева.
Дамева додаде дека Мицкоски од собраниската говорница изнел наводи дека во Судскиот совет има неколку кланови, дека се правеле фалсификувани записници и дека дел од членовите на советот не ја извршувале функцијата професионално, па на нивно место требало да дојдат нивни луѓе. Тоа според неа, е поразително.
Видете и ова: Мицкоски најави акција против судии и обвинители кои ја попречувале правдата„Длабоко во себе верувам дека судиите се независни и професионални, но постојат исклучоци кои поради одредена лична корист биле ставени и се ставени во рака на политичарите. На тие таквите имам да им порачам само едно: Не си играјте со огaнот, за своја лична и еднократна корист нанесувате колективна и долгорочна штета за целото судство, ги омаловажувате вашите колеги судии и ја девалвирате судиската функција. Судиската функција не е занает, не е трговија“, рече Дамева.
Очекува мнозинството професионални судии во наредниот период да ја продолжат битката за правда и правување со, како што вели таа, канцерот во нивните редови.
„Кога совеста ти е чиста ништо не може да ти го наруши сонот“, уверува Дамева.
Дамева останува во Советот, како член, но повеќе нема да ја извршува фунцијата претседател.
Претходно на 29 номеври, премиерот Мицкоски, најави „робусна акција против судии и обвинители кои што ја спречуваат правдата“. Тој посочи дека власта има план и дека од понеделник почнува спроведувањето на планот.
Инаку, Дамева минатата недела во изјава за јавноста рече дека имала право да остане уште осум месеци на чело институцијата, затоа што имала прекин во мандатот, кога според одлуката на Управниот суд, била незаконски разрешена. Пратениците од владејачкото мнозинство тврдат дека таа има мандат до 5 декември, затоа што била избрана на тој датум во 2022 година.
Дамева на 26 април 2023 година беше разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет. На седницата на Судскиот совет настана расправија откако Дамева одби да стави точка на гласање која ја немаше во дневниот ред. Нејзиниот заменик Селим Адеми тогаш го презеде раководењето со седницата и повика на гласање за нејзино разрешување, при што седум члена (вклучително и Адеми) гласаа „за“, а тој констатираше дека Дамева е разрешена и во нејзино присуство го презеде раководењето со седницата.
Весна Дамева беше избрана за претседателка на Судскиот совет на местото на Павлина Црвенковска во декември минатата година.