Американскиот државен секретар Eнтони Блинкен и турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан разговарале за ситуацијата во Сирија што „брзо се развива“.
Според портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер, двајцата дипломати разговарале за „потребата од деескалација и заштита на цивилното население и инфраструктурата во Алепо и на други места".
Разговорот доаѓа во време на зголемени тензии во Сирија, каде што според набљудувачите, сириската влада ја изгубила контролата над Алепо, вториот по големина град во земјата, бидејќи опозициските сили оствариле дополнителни територијални придобивки.
Инаку бунтовниците упаднаа во Алепо, во петокот вечерта (29 ноември), принудувајќи ја армијата да се прегрупира.
Руски и сириски авиони пак бомбардираа други градови во провинцијата Идлиб, која е целосно под контрола на бунтовниците.
Бунтовниците се сојуз на вооружени групи поддржани од Турција заедно со исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам, најсилната воена сила на опозицијата. САД, Русија, Турција и некои други земји ја ставија оваа исламистичка група на листата на терористички групи.