КФОР го одби барањето за испраќање на косовски безбедносни сили на северот на Косово

илустрација

Мисијата на НАТО на Косово, КФОР, за Радио Слободна Европа (РСЕ) потврди дека по експлозијата во каналот Ибар-Лепенци во општина Зубин Поток на север на 29 ноември, косовските институции побарале овластување од командантот на КФОР за можно распоредување на Косовските безбедносни сили (КБС) во погодената област.

„Командантот на КФОР не даде такво овластување, врз основа на неговата безбедносна проценка и активностите што КФОР веќе ги презеде“, се вели во писмената реакција на КФОР до РСЕ.

Косово ова барање го поднесе во согласност со договорот од 2013 година потпишан меѓу институциите на Косово и НАТО, според кој тогашниот премиер на Косово, Хашим Тачи, го уверил НАТО дека КБС нема да оди на север без претходна согласност на КФОР.

„Како што беше најавено во нашето вчерашно соопштение, КФОР распореди единици за обезбедување на оштетениот дел од водотекот во Зубина Поток. КФОР обезбеди и дополнителна помош за институциите во Косово, вклучително и логистичка поддршка за отстранување на експлозивните направи“, се вели во реакцијата на КФОР.

Видете и ова: Борел: ЕУ го осудува терористичкиот напад на каналот Ибар-Лепенец

Мисијата додаде дека командантот на КФОР останува во контакт со сите негови главни партнери и ја следи ситуацијата.

Косово ја обвинува Србија дека стои зад експлозијата на северот, обвинение што Србија го негира.

Косовскиот премиер Албин Курти на прес-конференција во неделата вечерта не одговори на прашањето дали побарал дозвола од КФОР да испрати КБС на север, но рече:

„Ние сме ограничени на север, бидејќи нашата армија, врз основа на Договорот од 2013 година, не може да оди на север“.

Експлозијата на каналот во селото Вараге кај општина Зубин Поток не предизвика жртви, но создаде голема пукнатина на неговиот страничен ѕид, поради што водата се излеа од каналот, а некои делови од земјата се соочија со недостиг на вода.

Хидросистемот Ибар-Лепенец го снабдува со вода целиот север на Косово, регионите на Митровица, како и Приштина и неговата околина, вклучително и Косовската енергетска корпорација за ладење на нејзините термоелектрани.