Вучиќ: Србија ја истражува експлозијата на Косово

Александар Вучиќ, претседател на Србија (архива)

Александар Вучиќ, претседател на Србија (архива)

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека Белград почнал истрага за експлозијата во која е оштетен каналот Ибар-Лепенeц во општина Зубин Поток на Косово.

Тој ги отфрли обвинувањата на косовските власти дека Србија е вмешана во нападот.

„Белград и Србија немаа поим и не учествуваа на никаков начин. А тоа ќе го докажеме бидејќи и ние почнавме истрага“, рече Вучиќ во обраќањето до јавноста на 1 декември.

Експлозијата што се случи вечерта на 29 ноември предизвика значителна штета на каналот, загрозувајќи го снабдувањето со вода и струја во Косово.

Косовските власти веднаш ја обвинија Србија дека е вмешана во нападот.

Видете и ова: Борел: ЕУ го осудува терористичкиот напад на каналот Ибар-Лепенец

Министерот за внатрешни работи на Косово Џељаљ Свечља соопшти дека се уапсени осум осомничени, како и запленето оружје и експлозиви.

„Овој напад беше координиран од терористички организации. Целта беше да се нанесе максимална штета на државата Косово и нејзините граѓани“, рече Свечља.

Нападот го осудија претставниците на западните земји во Приштина, како и Српска листа, најголемата партија на Србите во Косово, која е поддржана од властите во Србија.

Експлозијата во Зубин Поток се случи неколку часа откако косовската полиција соопшти дека ги зголемила безбедносните мерки на целата територија на Косово, вклучително и на северот, поради фрлањето експлозивни направи врз косовските институции во последните неколку дена.