Зеленски: Приемот на Украина во НАТО може да стави крај на „жешката фаза на војната“

Володимир Зеленски, претседател на Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека пристапот на Украина во НАТО може да стави крај на, како што рече, „жешката фаза на војната“ што ја води Русија.

Тој во интервју за Скај њуз (Sky News) на 29 ноември рече дека ќе биде подготвен да размисли за прекин на огнот доколку неокупираните територии на Украина „паднат под чадорот на НАТО“, под услов поканата за членство во алијансата да ги признае меѓународните граници на Украина.

Русија го анектира украинскиот полуостров Крим во 2014 година и од почетокот на целосната инвазија во февруари 2022 година окупираше 20 отсто од територијата на Украина.

„Ако сакаме да ја запреме жешката фаза на војната, мора да ги земеме териториите на Украина што ги имаме под наша контрола под чадорот на НАТО“, рече Зеленски.

„Мораме да го направиме тоа брзо. А што се однесува до окупираниот дел од земјата, Украина потоа може да ги врати преку дипломатски канали“, додаде тој.

Ова се случува во време кога новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ја критикува актуелната администрација на САД која од почетокот на руската инвазија има инвестирано милијарди долари во Украина.

Трамп, исто така, рече дека може да ја заврши војната во рок од 24 часа по враќањето во Белата куќа, што се толкува како Украина да ги предаде териториите окупирани од Русија.

Видете и ова: Зеленски е за „дипломатски“ крај на војната догодина

Трамп неодамна го назначи Кит Келог, пензиониран генерал-полковник кој веќе беше негов советник за одбрана, за негов специјален пратеник за Украина и Русија.

Келог се залагаше да им каже на Украинците дека ако не дојдат на преговарачка маса, американската поддршка ќе ослабне, додека на рускиот претседател Владимир Путин му рече дека ако не дојде на маса, САД ќе им дадат на Украинците „се што им треба да те убие на земја“.

Русија во последните неколку месеци ги бомбардира украинските градови со беспилотни летала и проектили, предизвикувајќи жртви и штети на енергетската инфраструктура.

Претходно овој месец, високиот претставник на ОН, Розмари Ди Карло, предупреди дека целните руски напади врз енергетската инфраструктура на Украина може да ја направат оваа зима „најсуровата од почетокот на војната“ пред речиси три години.

Украина започна неколку контранапади откако администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, главниот странски сојузник на Украина во борбата против руската инвазија и европските сојузници на Киев одобрија употреба на ракети со долг дострел против цели во Русија.