Грузиската полиција со водени топови и солзавец ги растерува про-ЕУ демонстрантите во Тбилиси

Полицијата, наводно, употребила солзавец за да ги разбие собирите во доцните часови на 29 ноември.

Грузиската полиција употреби водени топови за да ги растера илјадниците демонстранти кои втор ден по ред се собираат во близина на парламентот во Тбилиси за да протестираат против одлуката на владата да ги прекине пристапните преговори со Европската унија.

Полицијата употребила и солзавец за да ги разбие собирите во доцните часови на 29 ноември.

Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили, жесток критичар на владејачката партија „Грузиски сон“, ги осуди „бруталните и непропорционални напади врз грузискиот народ и медиумите“, споредувајќи ја репресијата со „репресија од руски стил“.

„Овие дејствија нема да бидат простени! Одговорните за употребата на сила треба да сносат одговорност“, напиша таа на социјалната платформа Х порано позната како Твитер.

Демонстрантите излегоа на улиците втор ден по ред откако премиерот Иракли Кобахидзе рече дека неговата влада ги прекинува преговорите со ЕУ и дека ќе ги отфрли буџетските грантови од Брисел „до крајот на 2028 година“.

Видете и ова: Грузиски дипломати со остра критика до Владата, откако безбедносни сили тепаа демонстранти и новинари


Повеќе од сто грузиски дипломати остро го критикуваа владиното запирање на преговорите за членство во ЕУ, откако безбедносните сили насилно ги растераа демонстрантите и новинарите на протестот на 28 ноември во Тбилиси поради потегот.

Повеќе од 30 луѓе беа хоспитализирани рано на 29 ноември, откако полицијата употреби солзавец, водени топови и претепа некои од илјадниците собрани за да го истурат својот гнев поради најавата на Кобахиџе.

Грузија е во политички превирања по парламентарните избори во октомври, на кои партијата „Грузискиот сон“ обезбеди 54 отсто од гласовите, при што опозицијата и западните влади тврдат дека гласањето било нарушено со прекршувања и руско влијание.

На почетокот на 28 ноември, полицијата тргна да ги расчистува мирните демонстранти, при што маскираната полиција пукаше со гумени куршуми и брутално ги претепа демонстрантите и новинарите.

Говорејќи во седиштето на Грузискиот сон, Кобахиџе рече дека Тбилиси ги прекинува пристапните преговори, а истовремено ги отфрла сите буџетски грантови од ЕУ до 2028 година.

„Нема да влеземе во Европската унија со молење и стоење на една нога, туку на достоинствен начин со здрав демократски систем и силна економија“, им рече премиерот на новинарите без никакви прашања.

Грузија доби статус кандидат за ЕУ во декември 2023 година, но односите со Брисел се влошија во последниве месеци, почнувајќи со усвојувањето на контроверзниот закон за „странски агенти“ за кој критичарите велат дека се заканува јавно да дискредитира илјадници медиуми и граѓански групи.