Затвореникот и поранешен руски пратеник Алексеј Горинов, познат по своите отворени критики за војната на Русија против Украина, е осуден на нова тригодишна затворска казна за „оправдување тероризам“. По тридневно судење, рускиот воен суд на 29 ноември ја изрече казната на 63-годишниот Горинов, кој е во лоша здравствена состојба.
Во својата завршна изјава, Горинов, еден од најистакнатите затворени дисиденти оставен во земјата по големата размена на затвореници со Западот претходно оваа година, ја обвини Русија дека извршила „крвав колеж“ во Украина.
Претходно оваа недела, Горинов истакна дека за неговата болест „нема достапен третман“ во затворот каде што ја одлежува претходната досудена седум годишна казна.
Горинов за прв пат беше осуден во јули 2022 година на седум години затвор за ширење „лажни вести“ за руската војска поради неговото јавно противење на целосната инвазија на Русија во соседна Украина.
Во октомври 2023 година, властите отворија нов случај против него, обвинувајќи го за „оправдување тероризам“ врз основа на наводни разговори со колеги затвореници за украинските војници. За време на сослушувањето, Горинов категорично негираше каква било поврзаност со тероризмот.
„Јас сум далеку од каква било идеологија на тероризам“, рече тој.
Првото обвинение во 2022 година против Горинов произлезе од антивоениот говор што го одржа на состанокот на градскиот совет во московската област Красноселски.
Тој беше првиот човек осуден според новиот руски закон за криминализирање на „лажните вести“ за војската, воведен откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.