Уште еден обид на бугарскиот Парламент да избере претседател

Зградата на бугарскиот парламент во Софија, Бугарија

Бугарските пратениците денеска (29 ноември) ќе направат нов обид за избор на претседател на 51-то Народно собрание, јави БТА.

„Преминуваме кон нов круг на предлози и нивно гласање според усвоените процедурни правила“, изјави Силви Кирилов, кој како најстар пратеник претседава со седницата.

Вчера пратениците не успеаја да изберат претседател на парламентот ниту по седмиот обид.

Видете и ова: Главчев: Политичките сили да постигнат консензус и да се фокусираат на граѓаните

Ниту еден од двајцата кандидати што стигнаа до гласањето - Раја Назарјан (ГЕРБ-СДС) и Силви Кирилов (Има таков народ), не доби доволно гласови.

Пред почетокот на денешната седница, лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, најави дека ја повлекуваат кандидатурата на Раја Назарјан за претседател на Народното собрание.

На 27 октомври се одржаа седмите предвремени парламентарни избори во последните три години. Победник беше ГЕРБ со 69 пратеници, потоа ПП-ДБ со 37, „Преродба“ со 35, „ДПС - Нов почеток“ со 30, БСП со 20, АПС со 19, „Има таков народ“ (ИТН) со 18 и MECH со 12 пратеници.

ГЕРБ ќе добие мандат од претседателот Румен Радев за формирање влада, а потребни и се уште најмалку два коалициски партнери за да има парламентарно мнозинство.