ЕУ бара нови избори во Грузија откако премиерот ги отфрли пристапните преговори

Протести во близина на грузискиот Парламент. 28.11.2024.

Европскиот парламент на 28 ноември усвои резолуција со која се повикува на нови парламентарни избори во Грузија и санкции против високи членови на владејачката партија Грузиски сон.

Во меѓувреме, граѓани излегоа на протести пред гтузискиот парламент, откако денеска грузискиот премиер Иракли Кобахиџе рече дека неговата влада нема да ги отвори преговорите за пристап во Европската унија (ЕУ) со Брисел до 2028 година, кога завршува мандатот на неговата влада.

Демонстранти се собраа пред грузискиот парламент во Тбилиси. Фотографиите и видеата од собирот покажуваат дека тие носат грузиски и знамиња на ЕУ. Спонтан протест се одржа и во западниот град Зугдиди.

Демонстрантите во Зугдиди за грузискиот сервис на РСЕ изјавија дека владејачката партија Грузиски сон се оддалечува од ЕУ и ја турка земјата кон Русија.

„Грузиските власти ги прекинаа сите односи со Европската унија, а исто така одбиваат да добијат средства. Ова секако ќе доведе до економски колапс“, изјави за РСЕ Манана Микава, учителка.

Видете и ова: Прва седница на новиот грузиски состав, опозицијата бојкотира

Западните влади ги доведуваат во прашање октомвриските парламентарни избори во Грузија, на кои Грузискиот сон освои 54 отсто од гласовите, тврдејќи дека изборите биле нарушени со кршење на законите и руско влијание.

Во својата резолуција, Европскиот парламент наведе дека изборниот резултат „не служи како сигурно претставување на волјата на грузискиот народ“.

Тој, исто така, ја повика Европската унија, која ја замрзна апликацијата на Грузија за членство во ЕУ минатиот месец, да воведе санкции за клучните функционери во владејачката партија, вклучително и Кобахиџе, претседателот на Грузискиот сон Иракли Гарибашвили, моќниот милијардер и основач на партијата Бидзин Иванишвили и градоначалникот на Тбилиси Каха Калаџа.

Говорејќи во седиштето на Грузискиот сон, Кобахиџе рече дека Тбилиси ги суспендира пристапните преговори, а дека истовремено ги отфрла сите буџетски грантови на ЕУ до 2028 година.

„Нема да влеземе во Европската унија со молење и стоење на една нога, туку на достоинствен начин со здрав демократски систем и силна економија“, рече премиерот пред новинарите без да поставуваат прашања.

Видете и ова: Полицијата во Тбилиси ги растури шаторите на демонстрантите кои бараат нови избори

Претходно, на парламентарната седница на која беше одобрена неговата влада, Кобахиџе рече дека целта на неговата влада е Грузија да влезе во ЕУ до 2030 година.

„Подготвени сме да ги почитуваме и да ги земеме предвид сите услови [поставени од ЕУ] кои не се против нашите национални интереси“, рече тој, на аплауз од пратениците на Грузискиот сон.

Грузискиот претседател Саломе Зурабишвили, жесток критичар на Грузискиот сон, треба да се сретне со странски дипломати во Тбилиси пред да даде изјава подоцна на 28 ноември.

Грузија го доби статусот кандидат за членство во ЕУ во декември 2023 година, но односите со Брисел се влошија во последниве месеци, почнувајќи со усвојувањето на контроверзниот закон за „странски агенти“ за кој критичарите велат дека се заканува јавно да дискредитира илјадници медиуми и групи на граѓанското општество.

Соединетите Држави објавија во јули дека ќе суспендираат повеќе од 95 милиони долари помош за грузиската влада, предупредувајќи дека таа назадува кон демократијата.