Откажан Самитот на лидерите на Западен Балкан и ЕУ во Неум поради пропаднат тендер за организацијата

Илустративна фотографија.

Советот на министри на Босна и Херцеговина (БиХ) донесе одлука за откажување на Самитот на лидерите на Западен Балкан и на Европската унија (ЕУ), што требаше да се одржи на 4 и 5 декември во Неум, Босна и Херцеговина.

Ова за Радио Слободна Европа (РСЕ) го потврди заменик-претседателот на Советот на министри на БиХ и министер за одбрана, Зукан Хелез.

„Самитот беше откажан бидејќи пропадна тендерот за организација на овој настан. Имаше една жалба против некои кои поминаа како најдобри понудувачи“, изјави Хелез за РСЕ.

Видете и ова: Изгласан новиот состав на Европската комисија, мандатот го почнува на 1 декември

Тој рече и дека „веднаш“ ќе биде објавен нов тендер за организирање на самитот и дека самитот најверојатно би можел да се одржи во јануари.

Овој дводневен настан требаше да ги собере клучните актери од регионот и од ЕУ, со цел зајакнување на соработката и дискусија за важни политички, економски и социјални прашања.

Иако се уште не е официјално потврдено, како што изјавија за РСЕ од Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, на Самитот требаше да присуствува Марта Кос, која на 1 декември ќе ја преземе функцијата комесар за проширување на Европската унија.

Тоа требаше да биде една од нејзините први официјални посети.