Уште една блокада на обвинителството и судот во Нови Сад

Зградата на Вишото јавно обвинителство и судот во Нови Сад, 28 ноември 2024

Здружената опозиција и денеска, 28 ноември, се обиде да го блокира влезот пред новосадскиот суд и обвинителство. Овој пат опозицијата бара истрага против полицајците кои го претепаа 74-годишниот Илија Костиќ.

Тој беше уапсен седум дена претходно при претходната блокада на судот и обвинителството. После тоа тој бил тешко повреден и итно бил опериран при што му бил изваден дел од телото.

Сите опозициски советнички групи во градското собрание претходно му дадоа рок од 24 часа на Обвинителството да покрене постапка ден претходно.

Рано утрото припадниците на жандармеријата зазедоа позиции пред зградата. Како дополнителна пречка беше поставена метална заштита. Жандармеријата направила тесен премин и со помош на судската стража ги пуштила вработените во зградата.

Опозицијата најави дека во рок од 24 часа ќе бара оставка од министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ доколку не ги објави резултатите од работата на Секторот за внатрешна контрола.

Ова е четврти пат во последните две недели зградата на Палатата на правдата во Нови Сад да биде блокирана.

Видете и ова: Притвор за министерот во оставка Горан Весиќ и другите осомничени за несреќата во Нови Сад

Минатата недела три дена по ред народните избраници и пратеници во Собранието на АП Војводина, како и советниците во Градското собрание на Нови Сад го блокираа влезот во зградата во која се наоѓаат новосадските судови и обвинителствата.

Миран Погачар, градски советник од движењето „Браво“ на средбата порача дека граѓаните нема да се откажат од барањето уапсените на протестот да бидат ослободени.

Мариника Тепиќ, пратеничка од опозициската Партија на слободата и правдата, рече дека полицијата завчера во Белград „пуштила орда насилници да ги малтретираат луѓето на мирниот протест во Савамала, во забранетиот град, во Белград на вода“.

„И тепаа стари луѓе“, посочи таа, алудирајќи на случајот со 74-годишниот Илија Костиќ.

За време на протестот и блокадата на граѓаните во Белград, на 27 ноември, кои се противат на уривањето на Стариот Савски мост, група луѓе ги нападна учесниците на блокадата. Според изјавите на учесниците на протестот, полицијата по половина час се појавила и ги одвоила учесниците на протестот од граѓаните кои ги напаѓале.

Опозицијата побара кривично гонење на одговорните за падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 15 лица, а други двајца се во тешка состојба. Таа, исто така, побараа ослободување на приведените во апсењата што следеа по масовните демонстрации на улиците на Нови Сад на 5 ноември.