Нордиско-балтичките земји и Полска ветија дека ќе ја засилат поддршката за Украина, вклучително и во обезбедување на повеќе муниција за зајакнување на капацитетите за одвраќање и за одбрана од хибридни напади.
Лидерите на Данска, Естонија, Финска, Латвија, Норвешка, Полска и Шведска, кои се состанаа денеска (27 ноември) во близина на Стокхолм, како што наведоа во заедничко соопштение, се подготвени да ги засилат и санкциите против Русија и поддржувачите на нејзината инвазија во Украина.
Тие разговарале и за истрагата за прекинот на подводните комуникациски кабли што се случи претходно овој месец во Балтичкото Море.
Состанокот беше прв на шефовите на влади на нордиско-балтичките земји од 2017 година. Полска присуствуваше за првпат. Средбата беше организирана со цел да се разговара за трансатлантските односи, регионалната безбедносна соработка и заедничката политика за војната во Украина.
Видете и ова: Руте: Најдобро е земјите кои и даваат оружје на Украина да не поставуваат ограничувања за користењеПред состанокот полскиот премиер Доналд Туск предложи заеднички мониторинг на Балтичкото Море од страна на морнариците на балтичките земји откако беа оштетени двата подморски комуникациски кабли, што се истражува како хибриден напад.
„Веќе постои балтичка воздушна полиција за воздушниот простор над Балтичкото Море. Ќе ги убедам нашите партнери во неопходноста веднаш да се создаде аналогна формула за контрола и безбедност на водите на Балтичкото Море, за поморски надзор“, рече Туск.
Подводните кабли, едниот што ги поврзува Финска и Германија, а другиот Шведска и Литванија, беа оштетени на 17-18 ноември, што предизвика сомнежи за саботажа.
Шведска, Германија и Литванија започнаа истрага, но причината за оштетувањето сè уште не е позната.
Финската полиција соопшти дека верува оти инцидентот бил предизвикан од кинески брод што влечел сидрото, а и шведските инспектори во истрагата се фокусирале на кинескиот товарен брод „Ји Пенг 3“, за кој се смета дека ги поминал двете локации во моментите на прекин на каблите.
Бродот сега стои неактивен во меѓународните води, но е во ексклузивната економска зона на Данска.
Шведска побара од бродот да се врати во нејзините води за да се олесни истрага, рече премиерот Улф Кристерсон на 26 ноември нагласувајќи дека со ова тој не упатува никакви обвинувања.
Тој рече дека се надева оти Кина позитивно ќе одговори на барањето.
„Од шведска страна имавме контакт со бродот и контакт со Кина и рековме дека сакаме бродот да се движи кон шведските води“, рече Кристерсон.
Видете и ова: Балтикот и Полска бараат пари од ЕУ за одбранбена линија со РусијаПортпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи изјави дека комуникацијата со Шведска и другите релевантни страни била „непречена“.
Мао Нинг на редовниот брифинг за медиумите на 27 ноември изјави дека Кина покажала „конзистентна поддршка“ во работата со другите земји за одржување на безбедноста на меѓународните подводни кабли и другата инфраструктура.
„Ји Пенг 3“ го напушти руското пристаниште Уст-Луга на 15 ноември. Русија минатата недела оцени дека сугестиите дека таа има некаква врска со инцидентот се „апсурдни“.
Волстрит журнал на 27 ноември објави дека бродот во меѓународните води веќе една недела е опкружен со европски воени бродови. Инспекторите се сомневаат дека екипажот на „Ји Пенг 3“, кој е натоварен со руско ѓубриво, намерно ги пресекол каблите влечејќи го сидрото повеќе од 160 километри, пишува весникот.
Истрагата се фокусира на тоа дали капетанот на бродот бил наведен од руското разузнавање да ја изврши саботажата, пишува Волстрит журнал.