Полицијата уапси речиси 1000 приврзаници на Имран Кан додека безбедносните сили го растурија масовниот протест во Исламабад со барање за ослободување на затворениот поранешен пакистански премиер, соопшти полицијата на 27 ноември.
Шефот на полицијата во Исламабад, Сајед Али Насир Ризви, на прес-конференција изјави дека 19 авганистански државјани се меѓу 954-те демонстранти уапсени од пакистанските безбедносни сили во последните три дена.
Демонстрантите, кои со денови маршираа кон Исламабад од упориштето на Кан во провинцијата Кибер Пахтунхва на северозапад, беа растерани и главниот град беше исчистен за време на опсежна полноќна рација на пакистанските безбедносни сили.
Ризви рече дека полицијата користела само несмртоносни средства во текот на ноќта.
Пакистанската партија на Кан, Техрик-е Инсаф (ПТИ) издаде соопштение на платформата Х во кое се вели дека протестот, за време на кој најмалку шест лица биле убиени, во моментот е суспендиран и ја обвини владата за бруталност.
Видете и ова: Ескалираат тензиите во северозападен ПакистанПартиските претставници соопштија дека сопругата на Кан, Бушра Биби, и главниот министер на Хајбер Пахтунхва, Али Амин Гандапур, клучен сојузник на Кан, „безбедно“ се вратиле во провинцијата од Исламабад по репресијата на безбедносните сили.
Демонстрантите, од кои некои биле вооружени со стапови и стрели, биле успешно растерани откако пакистанската војска се распоредила во главниот град претходно на 26 ноември.
Министерот за внатрешни работи на Пакистан, Мошин Накви најави дека училиштата повторно ќе бидат отворени на 27 ноември и сите патишта ќе бидат расчистени. Министерот исто така рече дека деталите во врска со вмешаноста на авганистанските државјани во протестот ќе бидат споделени со медиумите на 27 ноември, додавајќи дека „е донесена важна одлука за авганистанските државјани“, која ќе биде објавена во следните неколку дена.
Видете и ова: Поранешниот пакистански премиер Кан, ослободен од обвининието за незаконски бракПТИ на X тврдеше дека полицијата во Исламабад пукала директно кон демонстрантите. Главниот град беше затворен од доцна на 23 ноември, а мобилните интернет услуги беа спорадично прекинувани.
Градската администрација на Исламабад минатата недела објави двомесечна забрана за јавни собири, но конвоите на приврзаници на Кан патуваа од провинцијата Кибер Пахтунхва од 25 ноември и беа решени да влезат во градот.
Главното барање на ПТИ е ослободување на Кан, кој беше премиер од 2018 до 2022 година.
Седумдесет и двегодишната поранешна крикет ѕвезда, кој стана политичар, е во затвор повеќе од една година и се соочува со повеќе од 150 кривични случаи, иако ужива огромна популарност меѓу Пакистанците. ПТИ тврди дека случаите се политички мотивирани.