Европскиот парламент денеска (27 ноември) треба да гласа за одобрување на новата Европска комисија на Урсула фон дер Лајен со мандат за следните пет години.
Сесијата ќе започне со тричасовна дебата на европратениците со Фон дер Лајен околу составот и програмата за работа на новата Европска комисија, по чие завршување ЕП ќе треба да гласа за нејзино одобрување во пакет.
За да биде одобрена, новата Европска комисија треба да добие мнозинство од гласовите на европратениците што ќе учествуваат во гласањето.
Одобрувањето следи откако во периодот помеѓу 4 и 12 ноември, сите кандидати за членови на ЕК беа сослушувани од страна на ресорните комитети на Европарламентот околу соодветноста и способноста да ги извршуваат должностите поврзани со ресорите што им се доделени, по што беа потврдени нивните номинации.
Видете и ова: Фон дер Лајен треба да го претстави новиот состав на ЕврокомисијатаСогласно процедурите во Европската Унија по одобрувањето на новата Еврокомисија од страна на европратениците, Советот на ЕУ со квалификувано мнозинство гласови формално ги назначува еврокомесарите. Се очекува целата постапка да заврши до крајот на месецов, со што новата Еврокомисија ќе стапи на должност на 1 декември.
Инаку, постапката на потврдување на еврокомесарите беше заокружена минатата седмица, откако по еднонеделни преговори трите групации од проевропско центристичко мнозинство во Европскиот парламент - Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ) минатата среда постигнаа договор за одобрување на шестмината кандидати за извршни потпретседатели на ЕК и на еврокомесарот за здравство и благосостојба на животните Оливер Вархеји.
Покрај за изборот на новата Европска комисија, европратениците денеска треба да гласаат и за одобрување на Предлог-буџетот на ЕУ за 2025 години.
Доколку европратениците го одобрат предложениот буџет, претседателската на Европарламентот, Роберта Мецола веднаш по гласањето ќе ја потпише одлуката за негово усвојување, откако тој претходно беше одобрен и од Советот на ЕУ.