Идниот претседател на Европскиот совет, Антонио Коста,на самиот почеток од својот мандат ќе организира средба со лидерите од Западен Балкан.
Дипломатски извори во Брисел за Радио Слободна Европа потврдија дека Коста на 3 декември ќе организира работна вечера на која ќе бидат присутни сите лидери од регионот.
Таа вечера ќе биде организирана практично на вториот ден на Коста како претседател на Европскиот совет. Неговиот мандат на чело на највисокото политичко тело на ЕУ официјално започнува во недела на 1 декември.
Како што објаснија за РСЕ официјални лица во Брисел, со оваа средба Коста сака да испрати сигнал до Западен Балкан дека регионот и процесот на проширување ќе ги смета за приоритет за време на неговиот мандат.
Оваа вечера ќе биде и како подготовка за претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи на 18 декември во Брисел и со кој првпат ќе претседава Коста.
Видете и ова: Запознајте го новото лидерство во ЕУ и НАТО: моќниот, јастребот и неавантуристотПоранешниот премиер на Португалија, Антонио Коста, ја доби поддршката од шефовите на држави и влади на ЕУ на самитот што се одржа во јуни за да го наследи Шарл Мишел, кој беше на функцијата претходните пет години.
Во недела, на 1 декември, официјално започнува мандатот на новата Европска комисија.
Европскиот парламент во среда, на 27 ноември, ќе гласа за новиот состав на извршното тело на ЕУ.
Секторот за проширување од 1 декември ќе го води Марта Кос од Словенија, а надворешната политика на ЕУ ќе ја води поранешната естонска премиерка Каја Калас.
Неофицијално беше објавена можноста овие двe политичарки, кои во следните пет години ќе имаат клучна улога кога е во прашање Западен Балкан, да присуствуваат на работната вечера што Коста ја организира со лидерите од регионот.