Петнаесеттиот пакет санкции од Европската унија (ЕУ) за Русија поради инвазијата врз Украина, опфаќа и две компании од Србија, покажува нацрт-предлогот на пакетот, во кој Радио Слободна Европа имаше увид.
Станува збор за „Коминвекс“ од Белград и „Сохо“ од Нови Бановац. Тие се на списокот на компании за кои се предлага забрана за извоз. Овие две компании се меѓу четирите од Србија кои веќе се под санкции на Соединетите Американски Држави.
Коминвекс, основана во 2005 година, до 2022 година се занимаваше со трговија на големо со делови и опрема за моторни возила.
Податоците од финансиските извештаи на Коминвекс објавени на веб-страницата на Агенцијата за деловни регистри (АПР) на Србија, покажуваат дека во 2021 година добивката на компанијата била околу 1.600 долари. Тоа се менува во 2022 година, кога Коминвекс по плаќањето на сите обврски и даноци имаше нето добивка од 1,5 милиони долари, односно речиси илјада пати повеќе за само една година.
Видете и ова: Милионски заработки на српски фирми преку заобиколување на санкциите за РусијаКоминвекс ја промени својата дејност во ноември 2022 година и се регистрираше за трговија на големо со електронски и телекомуникациски делови и опрема.
Соха Инфо е од Нови Бановац, мал град на околу 30 километри од Белград. Според царинските податоци на базата Синоимекс, таа компанија во Русија извезла стока во вредност од 18 милиони долари од октомври 2022 година до крајот на јули 2023 година.
Инаку, станува збор за дополнување на листата на компании кои се предмет на рестриктивни мерки со оглед на дејствијата на Русија кои ја дестабилизираат ситуацијата во Украина.
Овој пакет предлог за прв пат вклучува и компании и поединци од Кина. Европската унија за прв пат предложи да се забранат визите и да се замрзнат имотите на кинеските компании и поединци поради нивните зделки со руски фирми поврзани со воените напори на Москва во Украина.
На почетокот на годинава, Европската унија за прв пат санкционираше српска компанија.
„Конекс доо“ од Србија беше дел од 13-тиот пакет санкции на ЕУ против Русија.
Компанијата Конекс со седиште во Белград е регистрирана за консултантски активности поврзани со бизнис и менаџмент. Според официјалните податоци на Агенцијата за деловни регистри, основана е во 1992 година, во Ваљево.