Скопјанка чекала дете 37 години, го роди на 61

Ирена Алексиоска Папестиев, директорка на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), Скопје, 26.11.2024

Жена од Скопје на 61 години роди здраво машко дете откако 37 години неуспешно се обидувала да остане трудна, објави директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), Ирена Алексиоска Папестиев, на прес-конференција на 26 ноември.

„Во светот на медицината повеќе не постојат граници, и медицината во Македонија може да се мери со онаа во светот. Ова пациентка е прва која е останата бремена со сопствена јајце клетка што била замрзната, која добила ин - витро третман во нашата држава и целата бременост била следена во нашата држава, а породувањето е извршено на ГАК“, рече Алексиоска Папестиев.

Бебето се вика Петар и заедно со мајката денеска се пуштени дома. Директорката на ГАК рече дека овие родители не се откажале од својот сон, не потклекнале на неуспесите, на притисоците од околината и на предрасудите со кои живееме.

Видете и ова: Борба за наталитет - повеќе пари за раѓање деца, ама не сега

Мајката имала богато акушерско минато - имала десет неуспешни ин-витро оплодувања и десет спонтани абортуси. Имала и три претходни гинеколошки интервенции од кои две во Белград, а една на ГАК во Скопје. Во текот на бременоста која била контролирана имала висок притисок и дијабетес, но на крајот сѐ поминало во најдобар ред.

Таткото има 65 години, е во пензија и рекол дека тој ќе се грижи за бебето.

Во регионот, највозрасната жена која родила дете е од Србија, но со донирана јајце клетка. Во Индија има случај на прворотка и на над 70 години.