Бојко Борисов ја повлече кандидатурата за премиер на Бугарија

Бојко Борисов, претседател на ГЕРБ

Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, соопшти дека со олеснување ја повлекува својата кандидатура за премиер на Бугарија.

„Не сакам веќе да се занимавам со оваа разрушена држава. Категорично ја повлекувам кандидатурата. Чекаме премиер со еквидистанца“, изјави Борисов на прес-конференција, додавајќи дека веднаш ќе го врати мандатот кога ќе го добие.

„Ги добивме неопходните одговори и тие покажуваат дека во мене не гледаат добар лидер или премиер“, објасни Борисов, осврнувајќи се на ставот на „Продолжуваме со промените - Демократска Бугарија“.

Видете и ова: Борисов продолжува со преговорите за состав на нова влада

Тој истакна дека нема да се занимава со проблемите кои, како што рече, биле создадени во последните четири години.

„Говорат за премиер со политика на еквидистанца. Кажете го тоа име, јас сакам да се натпреварувам со него. Зошто не го ставија името на маса? Но, никој не кажува кој е,“ нагласи Борисов.

Инаку Борисов инсистираше на тоа дека и претседателот на парламентот и премиерот во евентуалната идна влада треба да бидат од ГЕРБ. Во понеделникот за прв пат дозволи претседателот на Собранието да биде од друга партија, но рече дека нема да отстапи од тоа да биде премиер.

ПП-ДБ постојано повторуваше дека за нив е неприфатливо Борисов да биде премиер. Претходно тие побараа и лидерска средба со ГЕРБ, но Борисов одби лично да учествува на таква средба.

Видете и ова: Дали последните избори ќе ја извлечат Бугарија од политичкиот ќор-сокак?

Извршниот комитет на ГЕРБ вчера (25 ноември) ја потврди претходно донесената одлука дека лидерски преговори ќе се одржат само доколку се водат за формирање мнозинство и редовна влада.

На 27 октомври се одржаа седмите предвремени парламентарни избори во последните три години. Победник беше ГЕРБ со 69 пратеници, потоа ПП-ДБ со 37, „Преродба“ со 35, „ДПС - Нов почеток“ со 30, БСП со 20, АПС со 19, „Има таков народ“ (ИТН) со 18 и MECH со 12 пратеници. ГЕРБ ќе добие мандат од претседателот Румен Радев за формирање влада, а потребни и се уште најмалку два коалициски партнери за да има парламентарно мнозинство.

Претходно во 2023 г ГЕРБ и ПП-ДБ постигнаа компромис за заедничка влада на ротирачка основа. Во март 2024 година, кога се очекуваше Марија Габриел да ја преземе функцијата премиер од Николај Денков (ПП-ДБ), ГЕРБ ја повлече својата поддршка за владата.