Студенти го блокираа Факултетот за драмски уметности во Белград

Зградата на факултетот за драмски уметности, Белград, Србија

Во тек е блокада на Факултетот за драмски уметности (ФДУ), потврдија за Радио Слободна Европа (РСЕ). Студентите кои го блокираа факултетот на 25 ноември, во вторник (26 ноември) во 15 часот ќе ги изнесат своите причини зошто го сториле тоа.

Студентите на ФДУ на 22 ноември се вклучија во акцијата „Застани Србијо!“, кога на Булеварот на уметностите во близина на факултетот се случи инцидент.

Неколку возачи, чии автомобили беа запрени со оваа акција, излегоа и се судрија со толпата.

Здружението на драмски уметници на Србија (УДУС) ги осуди нападите врз студенти и напиша дека на 22 ноември еден студент завршил со повреди во Ургентниот центар.

„Бараме од надлежните органи секогаш кога е загрозено правото на безбедност на нашите граѓани, да ги пронајдат и гонат одговорните лица“, се додава во соопштението.

Со акцијата „Застани Србијо“!, граѓаните во повеќе градови низ Србија со петнаесетминутно молчење им оддадоа почит на загинатите при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад.

Видете и ова: Притвор за министерот во оставка Горан Весиќ и другите осомничени за несреќата во Нови Сад

Петнаесет минути претставува минута молчење за секој од 15-те луѓе кои загинаа при падот на настрешницата. Акцијата беше синхронизирана во 11:52 часот, симболично во моментот кога се урна бетонската конструкција на настрешницата.

Животот на двајца тешко повредени се уште е во животна опасност, а лекарите се борат за нивниот живот.

Претставниците на власта ја осудија акцијата „Застани Србијо!“, со оценка дека таа е „малтретирање на граѓаните“.

Тринаесет лица се уапсени поради основано сомнение дека се одговорни за падот на настрешницата од зградата на железничката станица во Нови Сад.

Меѓу уапсените се и четворица владини функционери - министерот за градежништво во оставка Горан Весиќ и членката на неговиот кабинет задолжена за железници Анита Димоски.

Покрај нив, уапсени се и Јелена Танасковиќ, поранешната директорка на „Српска железничка инфраструктура“ и нејзиниот претходник на чело на тоа јавно претпријатие Небојша Шурлан.