Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп најави дека ќе воведе огромни нови царини за производи од Мексико, Канада и Кина штом ќе ја преземе функцијата, како дел од напорите за сузбивање на илегалната имиграција и трговијата со дрога.
Трамп на социјалната мрежа „Truth Social“ напиша дека на 20 јануари ќе ги потпише сите потребни документи за воведување царина од 25 отсто за сите производи од Мексико и Канада што се увезуваат во САД и царина од 10 отсто за производите од Кина.
Видете и ова: Трамп го потврди планот за воведување вонредна состојба и депортација на мигрантитеТој додаде дека новите царини ќе останат во сила „додека не се искорени дрогата, особено фентанилот“, како и илегалните имигранти.
Инаку американскиот претседател Џо Бајден се состана со кинескиот претседател Си Џинпинг на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (APEC) во Перу пред нешто повеќе од една недела. Таму, Си го уверил Бајден дека Пекинг е подготвен да работи со новата американска администрација под Трамп.
За време на неговиот прв мандат на функцијата помеѓу 2017 и 2021 година, Трамп зазеде тврд став кон Кина, наметнувајќи давачки за кинескиот увоз како дел од неговата политика „Америка на прво место“. Кина одговори со некои контрамерки, како што е контролата на извозот на клучните суровини, но набљудувачите велат дека сега е подобро подготвена доколку Трамп го исполни своето предизборно ветување дека ќе воведе далекусежни нови царини за стоки од Кина.
Бајден, кој го наследи Трамп во Белата куќа, исто така, го прифати протекционизмот.