Новинарот на РСЕ Андреј Кузнечик веќе три години е во белоруски затвор

Белорусија- Андреј Кузнечик, новинар на РСЕ, септември 2018 година.

Новинарот на РСЕ, Андреј Кузнечик, на 25 ноември ја одбележа третата година во затвор под обвинение што тој, неговиот работодавач и организациите за човекови права ги нарекуваат политички мотивирани.

Кузнечик, татко на две деца, беше уапсен на 25 ноември 2021 година и првично беше осуден на 10 дена затвор поради обвиненијата за хулиганство, што тој ги отфрли.

По издржувањето на казната, Кузнечик не беше ослободен, туку беше обвинет за создавање екстремистичка група, потег што властите со месеци не им го открија на роднините и колегите на Кузнечик.

На 8 јуни 2022 година, регионалниот суд во Махиљу на истокот на земјата го прогласи Кузнечик за виновен и го осуди на шест години затвор. Судењето траеше само еден ден.

Групите за човекови права во Белорусија го сметаат Кузнечик, кој работи за Белоруската служба на Радио Слободна Европа (РСЕ), локално познато како Радио Свабода, за политички затвореник.

Видете и ова: Белоруските власти додадоа двајца новинари на РСЕ на листата на екстремисти

Кузнечик и околу 150 други белоруски политички затвореници, вклучително и друг новинар на РСЕ, Ихар Лосик, и поранешниот потенцијален претседателски кандидат Виктар Бабарика, отслужуваат казни во истиот затвор во северниот град Наваполатск.

Објектот е познат како еден од најрестриктивните казнено-поправни установи во Белорусија.

Белоруските власти почнаа да испраќаат политички затвореници во овој затвор во 2010 година.

Откако спорните претседателски избори во август 2020 година предизвикаа масовни протести поради победата на авторитарниот владетел Александар Лукашенко, десетици илјади Белоруси беа уапсени поради изразување какво било несогласување против режимот.

Многу западни влади одбија да ги признаат резултатите од изборите и не го сметаат Лукашенко за легитимен лидер на земјата.